„Биодиверзитетот е нашата иднина“

34

„Биодиверзитетот е нашата иднина“ е насловен меѓународниот проект во кој учествува и Кавадарци. – Проектот има за цел креирање на иновативно практични наставни материјали, лесно приспособливи за формално и неформално учење, како и да ја воведе и зајакне европската димензија и идните перспективи за соработка помеѓу партнерите – соопштија од кабинетот на градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Оттаму појаснија дека во наредните пет дена, 16 директори и професори ќе работат на идентификување на најдобрите практики, на создавање курсеви за применета екологија на отворено, што ќе можат да ги користат наставниците и другите образовни групи, како и на запознавање со различните биодиверзитети и култури на секоја од земјите партнери, преку активности на отворено и посети на различни локации.

Од кабинетот на Јанчев информираат дека овој проект го спроведуваат училишта од Португалија, Канарските Острови (Шпанија), Француска Гвинеа и Естонија, заедно со Советот за превентива против малолетничка деликвенција – СППМД од Кавадарци.

Во тек е и реализација на договор за изградба и реконструкција на системот за улично осветлување во општина Кавадарци.

 – Вредноста на договорот е 64. 990 000 денари, кои се обезбедени од буџетот за 2025, 2026 и 2027 година. Изведувач на работите е фирмата „Елмонд електро“ од Скопје. Рок на завршување на работите е 180 дена – истакна градоначалникот. 

Тој појасни дека системот за улично осветлување во општина Кавадарци го опфаќа градот, 25 села и повеќе викенд населби, како таа кај Тиквешко Езеро, Моклиште.  Јанчев додаде дека истовремено се проширува постојната надземна мрежа за улично осветлување. Вредноста на договорот е 900.000 денари, а изведувач е фирмата „Код инженеринг“ од Скопје.