10. МакеДокс во знакот на македонските документарци

269

Македонскиот „Медена земја“ ќе го затвори 10. Македокс со две проекции на 28 август, првата во Куршумли-ан, по што ќе следува концерт на групата „Фолтин“. Филм за отворање на фестивалот, пак, ќе биде ирско-британскиот документарец „И сè стана песна“ на режисерот Шејмус Марфи, кој е автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата музичарка Пи Џеј Харви

Десет македонски документарци ќе бидат прикажани на 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ што од 21 до 28 август ќе се одржи во Куршумли-ан и МКЦ, а чија програма ќе вклучува 70 документарни филмови на автори од целиот свет распоредени во повеќе програми (Главна, Нови автори, Кратки, Студентски документарци, Програма за деца и млади), соопштија организаторите на вчерашната прес-конференцијата на која најавија и дека се очекува присутво на околу 100-тина гости.

Од македонските документарци ќе бидат прикажани „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата режисерка Билјана Гарванлиева кој го довршил нејзиниот сопруг Мануел Цимер, потоа „Манаки-приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, четири нови кратки документарци од школата „Докуникулци“ како дел од Младинската програма, „Спасение“ на Никола Ивановски од Студентската програма, краткиот „Господата од Современа“ на Ана Алексовска, „По патот на клавето“ во режија на Лидија Мојсовска, како и веќе најавениот „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска кој на 38. Санденс ги освоите трите главни награди и бележи успеси на повеќе светски фестивали.

Воедно, премиерно за македонската публика „Медена земја“ ќе го затвори 10. Македокс со две проекции на 28 август, првата во Куршумли-ан, по што ќе следува концерт на групата „Фолтин“.

 

 

Филм за отворање на фестивалот ќе биде ирско-британскиот документарец „И сè стана песна“ на режисерот Шејмус Марфи, кој е автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата музичарка Пи Џеј Харви, а по филмот ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли како специјална гостинка.

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета Македокс“, а за фестивалските награди „Кромид“, „Млад кормид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори. Земја во фокус на годинешното издание ќе биде Германија, што се совпаѓа со 30-годишнината од рушењето ан Берлинскиот ѕид, а во програмата ќе бидат прикажани осум документарци (седум долгометражни и еден краткометражен) создадени во последните 20 години, со акцент на источногерманските филмови кои ја третираат темата на Берлинскиот ѕид.

Како што посочи селекторката Петрула Вељановска на денешната прес-конференцијата, главна тема на фестивалот, кој ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“ ќе биде копродукцијата, затоа што изминативе години организацијата заклучила дека без градење соработка и без менување енергија, идеи и чувства не може да се случи ништо, ниту пак, овој Фестивал.

Ќе биде организиран Форум за копродукција кој ќе се одржи од 25 до 27 август, на кој вниманието ќе биде насочено кон нужните промени во создавањето на документарните копродукции во регион. Работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар исто така ќе биде фокусирана на филмската копродукција, а ќе се одржи од 22 до 24 август во Даутпашин амам.

На истава локација, на 24 август ќе се реализира и мастер класот „Не следете ги моите правила. Направете си свои“ на Виктор Косаковски, еден од најзначајните европски и светски документаристи, а за време на фестивалот ќе бидат отворени и две фотоизложби и ќе се одржи концерт на Тони Китановски трио (26 август). (Н.И.Т.)