КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Кривичен VS Апелација

348

Со години се зборува за катастрофалната состојба во судството, граѓаните секојдневно се сведоци на аферите и лакрдиите што се случуваат во правосудството, на што, меѓу другото, и се должи исклучително ниската доверба на граѓаните кон „третата“ власт. Безбројните критики, укажувања, стотиците напишани страници со укажувања за состојбите во судството и причините кои довеле до истата, постојаните критики и забелешки на домашната и на меѓународната експертска јавност, негативните реакции на дипломатите во земјата и јасно изразената недоверба на граѓаните како воопшто да не допираат до судиите и до обвинителите , како да не ги тангираат, како да не им допираат до сивата мозочна маса. Наместо да се замислат и да размислат околу општиот негативен став кон нив и постојаните критики адресирани до нив, тие продолжуваат да си тераат по свое како стара мома која самата себе си се бендисува. Тамам човек ќе помисли дека е допрено дното и дека нема што повеќе да се случи, судството ќе го демантира со нова глупост.

Не така одамна, тогашната шефица на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција им се закани на судиите на Апелациониот суд дека „ќе ги истресе од гаќи“ поради донесена одлука, која не ѝ била по ќеф.

Не помина многу време, па се огласи и Кривичниот суд, кој почна да му дели придики и совети на Апелациониот суд, и тоа преку соопштенија за јавноста, како треба да работи, како и што треба да преземе и како да одлучува.

„Апелациониот суд Скопје можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестија“, му пишува понискиот суд на повисокиот, кој решава по неговите одлуки. Понатаму, Основниот суд му препорачува на Апелациониот суд мериторно да одлучува, а не да му ги враќа предметите, воедно повикувајќи го и министерот за правда да „да внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави, кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и кон градење респектабилна репутација во општеството. Напротив, ја деградираат независноста и непристрасноста“. И на крај ги повикува медиумите и стручната јавност да анализираат каде и поради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат.

Трагикомично е со сите критики, оценки и воопшто состојбата во која се наоѓа судството и недовербата кон него, судството да се повикува на градење респектабилна репутација во општеството, а за деградираната, и тоа со години, независност и непристрасност нема воопшто потреба ни да се спомнува, бидејќи ниту постои ниту некој го акцептира судството како такво.

Некако е правило да не се прочита и коментира основната суштинска работа, туку се зборува за периферните работи и се обидува да се спинува со префрлање на вината на друг. И во конкретниот случај е исто, па Основниот суд зборува, односно пишува за примена на Законот за амнестија, а се прави недоветен и избегнува да ја спомене основната причина поради која е укината пресудата и предметот е вратен назад, а тоа е „што првостепениот суд врз основа на расположливиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба, не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“. Со други зборови, дејствијата на обвинетите не се совпаѓаат, не соодветствуваат со дејствијата опишани како кривично дело во конкретниот член и уште побитно – не е утврден субјективниот елемент – намерата да се загрози уставниот поредок и безбедноста. За волја на вистината, и во предметот за 27 април, кој се водеше прв, и тоа против полициските службеници и оние што влегоа во Собранието, одбраната постојано укажуваше на истиве овие работи, но тогашниот совет на Апелациониот суд немаше слух за истите. Но, да му се вратиме на препукувањето на понискиот и повисокиот суд, а на крај ќе коментирам накратко за двата предмета. Ако не се утврдени, а според Апелациониот суд не се утврдени дејствијата на обвинетите со кои го прекршиле законот, ниту е утврдена намерата, која е суштински елемент на ова кривично дело, не можеме да зборуваме за нечија вина и законита пресуда. Таквата пресуда мора да се укине и предметот да се врати на повторно судење, затоа што судијата не ја утврдил основната работа која ја бара законот – со кои конкретни дејствија обвинетиот го сторил делото, а тоа да е поткрепено со докази. И не е првпат да се носат вакви пресуди, со паушални оцени на првостепениот суд, кои се спротивни или не произлегуваат од доказите, и истите да се враќаат на повторно судење. Од „Змиско око“ (предметот е уште во тек), „Мрежа“, „Еразмус“, „Ликвидација“ до куп други предмети, особено оние од Одделението за организиран криминал, па ако на ова се додаде и фактот дека се работи за десетици обвинети во еден предмет и купишта докази и сведоци, не е ни чудо што предметите траат со години и понекогаш настапува и застареноста. Брзото судење, односно судење во разумен рок, не е често и разумно судење, бидејќи судијата, притиснат од роковите, често и од желбите на политичарите (во политички профилирани предмети) го брза судењето, со што ниту стигнува да се запознае доволно добро со доказите, а и ги крши правата на обвинетите и одбраната. Таков беше случајот со првиот предмет „27 април“, кој беше изживување, бидејќи траеше по 10-12 часа дневно без прекин, со сослушување на десетина сведоци дневно и повторно истиот траеше со месеци. Па и покрај брзањето, пресудата ја чекавме со месеци за да можеме да се жалиме, а предметот сè уште не е завршен и се наоѓа во Врховниот суд по вонредни правни лекови.

Впрочем, како можеме воопшто да зборуваме за некакви правични и законити пресуди, за доверба и респектабилна репутација кога за овој настан едни кои ги отворија вратите и ги пуштија луѓето во Собранието се амнестирани заради политички потреби, други се осудени за  насилство, трети за учество во толпа, четврти за терористичко загрозување, а петти, кои се наводни организатори, добија трикратно помали казни од оние што биле организирани од нив. Исти настан, исти луѓе, исти дејствија и пет различни пресуди и очекуваат респект и доверба?

И на крај, би било добро првостепениот суд да го прочита Законот за амнестија и надлежниот орган кој треба да решава по истиот. Попусто се препукува првостепениот суд со Апелациониот суд за прашањето на примената на Законот за амнестија кога истиот е должен да постапи по него и тоа согласно со член 2 од истиот.

Се надевам дека Апелациониот суд ќе продолжи со ваквата пракса и нема да дозволи да поминуваат првостепени пресуди со препишано обвинение и со смешно и апсурдно образложение.

(ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот)