Џо Бајден го одликуваше Брус Спрингстин и десетици други познати Американци

63
EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

 Претседателот на САД, Џо Бајден вчера им додели национални медали на повеќе познати личности за нивниот придонес во американското општество. Меѓу нив се рокерот Брус Спрингстин, глумицата Џулија Луис-Драјфус, историчарот Волтер Ајзаксон и писателката Ејми Тан.

При одликувањето на Спрингстин со Националниот медал за уметности, имајќи ја предвид песната на Спрингстин, „Born to Run“, Бајден рече: – Брус, некои луѓе се просто родени да трчаат, човеку!

Мноштвото уметници и општественици му се придружија на Бајден во „Источната соба“ на Белата куќа за да ги добијат националните медали. Комичарката Џулија Луис-Драјфус, чија ТВ-серија „Потпретседателот“ фрли нови погледи на потпретседателството – функција што некогаш ја имаше и Бајден, исто така беше почестена.

– Таа го прифаќа животниот апсурд со апсолутна духовитост и се справува со вистинските пресврти во животот со апсолутна благодат. Таа е мајка, таа е преживеана од рак, таа е пионер во комедијата, таа е американски оригинал, изјави Бајден за Луис-Драјфус, која многумина ја знаат и по улогата во серијата „Сајнфелд“.

Одличје доби и глумицата Минди Калинг, една од главните ликови на долгогодишната ТВ-серија „Канцеларија“ (The Office), чијашто приказна беше сместена во родниот град на Бајден – Скрентон, Пенсилванија, САД.

Кога Бајден го претстави писателот Колсон Вајтхед пред присутните, тој нагласи дека ја добил Пулицеровата награда за неговите книги две години по ред.

– И јас ќе пробам двапати по ред!, се пошегува Бајден, кој претходно навести дека има намера повторно да се кандидира за претседател во 2024 година.

Почестени беа и пејачката Гледис Најт, модната дизајнерка Вера Ванг, писателите Ен Пачет и Тара Вестовер, меѓу другите.