Џонсон направи реконструкција на британската Влада

26

Британскиот премиер Борис Џoнсон направи промени во Владата на владејачката Конзервативна партија, кои денеска ги објави неговата канцеларија.

Доминик Раб, досегашен министер за надворешни работи, сега ќе раководи со Министерството за правда, а исто така ќе биде и вицепремиер.

За нов министер за надворешни работи е назначена Елизабет (Лиз) Трус, која досега беше министерка за меѓународна трговија. Таа е втора жена на чело на британското Министерство за надворешни работи, по Маргарет Бекет во периодот 2006-2007 година.

Друг висок член на кабинетот, канцеларот на Војводството Ланкастер, Мајкл Гоув (кој ја надгледува целокупната работа на Владата), ќе го предводи Министерството за домување, заедници и локална самоуправа. Нему ќе му бидат доверени и две други важни задачи – да биде одговорен за елиминирање на нееднаквостите во земјата и за одржување односи меѓу четирите делови на Обединетото Кралство – Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска.

Министрите за финансии и внатрешни работи, Риши Сунак и Прити Пател ги задржуваат своите функции.

Роберт Бакленд, Роберт Џенрик и Гевин Вилијамс, досегашни министри за правда, за социјална политика и за образование, повеќе не се дел од владата. Како што е посочено, најизненадувачки е можеби отпуштањето на Бакленд, кој, за разлика од Џенриќ и Вилијамс, не беше критикуван за неговите одлуки. 

Британскиот премиер ја направи реконструкцијата на Владата по неколку месечни критики.

Како што пренесуваат странските агенции, тој сега сака да го сврти вниманието кон подигнување на животниот стандард откако Британија вакцинираше голем дел од нејзиното население против Ковид-19 и беа укинати рестриктивните мерки во земјата.

– Целта на Џонсон е да формира „силен и обединет тим“ за исполнување на неговите предизборни ветувања во 2019 година за справување со нееднаквоста меѓу областите и обединување на земјата, изјави претставник на неговиот кабинет.

Портпаролот на британскиот премиер рече дека „вистинскиот тим“ ќе има задача да ги исполни „јавните приоритети“.

– Можете да видите како досега се справуваме со надминување на нееднаквоста помеѓу различни области. Ќе продолжиме со оваа задача, рече тој.