Џолев: Во брзо време ќе има оценка на обвинението за организаторите на 27 април

76

Оценката на обвинителниот акт за организаторите на настаните од 27 април ќе се случи во брзо време, изјави претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев.

Oд страна на Кривичниот суд повеќе пати е определуван Совет за оценка на обвинението, но на закажаните претреси, рече Џолев, одбраната поднесувала барања за изземање на судиите и досега осум од вкупно девет судии во одделението за организиран криминал се изземени.

– Секогаш на закажните претреси за оценка од страна на одбраната поднесувани се барања за изземање на судиите, на кои што судот позитивно одговараше. Тоа се причините поради кои досега не е оценето тоа обвинение. Секако и судската ферија допринесе малку подолго од очекувањата да трае тоа оценување на обвинението, изјави Џолев.

Посочи дека речиси цело одделение судии од организиран криминал по различни основи досега учествувале во првиот предмет „27 април“ и дека веројатно ќе се делегираат други судии кои што ќе постапуваат по новиот предмет за организаторите за 27 април.

– За многумина тој предмет е поврзан со организаторите, односно сметаат дека станува збор за ист кривично правен настан. Од таа причина судот претпазливо се однесуваше кон барањата за изземање и на крај се реши за да нема никакви сомнежи за пристраноста на судиите да ги изземе судиите кои што учествувале по било каков основ во првиот предмет, за кој веќе имаме неправосилна пресуда. Тука се и други судии кои што учествувале во оценка на обвинението, изјави Џолев.

Прашан дали ќе се почитува одлуката на Уставниот суд во однос на казните на судијката Добрила Кацарска за адвокатите во случајот за 27 април, Џолев изрази надеж дека повеќе нема да има вакви одлуки.

– Се надевам дека нема повторно да има вакви одлуки од страна на Уставниот суд. Ние и во соопштението рековме, како Кривичен суд, дека не се согласуваме со таквата одлука, ја спориме дури и надлежноста. Секако, дека одлуката ќе ја почитуваме. Да оставиме времето да покаже што ќе се случува во иднина, изјави Џолев.