Џафери-Хоти: Успешната соработка меѓу Северна Македонија и Косово се карактеризира со меѓусебна поддршка и почитување

53

Одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу Северна Македонија и Косово кои се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување беа истакнати на денешната средба меѓу претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и премиерот на Република Косово, Авдулах Хоти, во рамките на неговата официјална посета на нашата држава.

Како што соопшти прес-службата на Собранието, Џафери ја нагласил позитивната и конструктивна соработка меѓу Собранијата на Северна Македонија и Косово и изразил очекување за интензивирање на политичкиот дијалог преку одржување на првата заедничка седница меѓу владите на двете земји. Џафери нагласил дека, Република Северна Македонија принципиелно ги подржува евро – атлантските аспирации на Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на искуствата во овие процеси. Тој изразил надеж за квалитативен напредок на Косово во интеграцијата кон ЕУ, како и добивање на визна либерализација.

-Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија изрази поддршка на дијалогот Белград–Приштина, со убеденост дека ќе биде постигнато одржливо решение прифатливо за двете страни и го поздрави Договорот за нормализација на економските односи меѓу Косово и Србија, потпишан во Вашингтон, се наведува во соопштението.

Премиерот Хоти, упатил честитки за значајните промени, исклучителните реформи и напредокот што го постигна Република Северна Македонија, оценувајќи дека со тоа е создаден нов моментум за развој и стабилност на целиот регион. Тој се осврнал на состојбата во Косово, особено на планот на евроинтеграциите и го нагласи интересот за реализација на проекти за меѓугранична соработка меѓу Северна Македонија и Косово, финансирани од ЕУ.

Извор:МИА