Џафери го прекрши Уставот, ќе има ли одговорност?

406

И Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик го прекршил претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој пред два дена пред Комитетот за надворешни работи во Брисел се обрати на албански јазик. Уставот предвидува дека на целата територија на Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, појаснува професорката по Уставно право, Тања Каракамишева-Јовановска.

-Претседателот на Собранието, со своето обраќање на албански јазик на меѓународна сцена, го прекрши Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година каде што во амандман, 5 јасно стои дека во меѓународните односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика, македонскиот јазик е единствен официјален јазик во Република Македонија, додава Каракамишева во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пред Комитетот за надворешни работи, во рамки на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан“, во вторникот се обрати на албански јазик.

-За жал, наместо преговори сега се соочуваме со застој заради одредени билатерални барања. Наш став е дека договорната рамка со Бугарија дава соодветна основа за понатамошна соработка и ние сме подготвени за надминување на ситуацијата согласно со меѓународните стандарди. Истовремено, сакам да нагласам дека овие случувања не треба да имаат влијание на отворање на преговорите за членство, истакна Џафери.

На неговото излагање, претседавачот со Комисијата, Дејвид Мекалистер возврати:

„Најголемиот дел од ЕП го поддржува процесот на преговори со вашата земја и со Албанија, но ние не сме тие што донесуваат одлука“.

Пред заминувањето на Џафери за Брисел, од Собранието соопштија дека Самитот на претседатели на парламенти ќе се осврне на фундаменталната улога на парламентите во процесот на проширување на ЕУ во постковид-периодот и нема да биде отворен за јавноста. Беше соопштено и дека е предвидено Џафери да се обрати на Самитот.

Самитот во Брисел се одржува во организација на претседателот на ЕП, Дејвид Сасоли, а на него учествуваат и претседатели на парламенти од Словенија, Португалија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, кои генерално пред Комисијата се обратија на службените јазици на нивните држави.