Фудбалот одамна не е резервиран само за мажите. Во последно време на фудбалскиот терен има сè повеќе жени, но не само оние кои се вешти со топката туку и оние кои успешно се снаоѓаат и со свирчето. Делењето на правдата сè повеќе стана и пасија на жените, а во оваа категорија Македонија може да се гордее со Ива Пројковска, која е прва интернационална ФИФА судијка, од нашата земја.
Ива е дипломиран криминалист, а има запишано и постдипломски студии за форензичка физика и безбедносни науки. Сепак, наместо да решава криминални злосторства, таа решава ситуации на фудбалскиот терен. Таа важи за нежна и тивка девојка надвор од теренот, а на него се претвора во строг судија кој не го посакува ниеден фудбалер. Не е попустлива и воопшто не им се плаши на провокациите од актерите на зелениот терен. Фудбалски судија станала сосема спонтано, прво играла фудбал, а поради честите казнувања за офсајд, одлучила да види како е од другата страна. Неодамна доби и награда од ФФМ за афирмација на македонскиот фудбал, а во интервју за ВЕЧЕР, зборуваше за динамичноста работата на судиите, фудбалот во Македонија, а кажа и неколку интересни случки од фудбалскиот терен.

Како одлучи да станеш фудбалски судија, односно низ што сè помина за да стигнеш до ова што си денеска?

-Почетоците ми се во домашно првенство со полагање на правила на фудбалската игра, тоа е за привремен судија кога се запишува и понатаму како одат категориите има посебни правила, треба да се положат норми, тестови, правила на фудбалската игра има таргет колку отсудени натпревари треба да се има за да се продолжи во наредната категорија, контролорски натпревари каде добиваме оценки, односно дали ќе поминеме за да судиме во следната категорија. За ФИФА и УЕФА не предложува федерацијата на меѓународна листа, потоа не прифаќа ФИФА, каде одиме на семинар и исто така мора да положиме правила на фудбалската игра, норми и англиски јазик.

Дали отсекогаш сакавте да бидете фудбалски судија или тоа се случи спонтано?

-Не ни помислував дека ќе станам фудбалски судија, се си дојде спонтано. Прво тренирав карате, кошарка, па почнав да судам малку кошарка и едно време почнав да играм фудбал каде често бев казнувана заради офсајд ситуации. На почетокот малку се расправав со судиите дека не се во право и така одлучив да видам како е да се биде од другата страна.

Во суштина која е Вашата примарна професија?

-Дипломиран криминалист, моментално завршувам постдипломски, едните форензичка физика, а другите безбедносни науки. Но, искрено веќе не се гледам во оваа професија поради тоа што времето полека си помина и го насочив мојот живот кон спортот и моментно работам за една ИТ-компанија, која произведува софтвер за фудбалски федерации.

Какви се реакциите на публиката и играчите, односно може ли да направите една паралела од првпат кога се појавивте до денеска?

-На почетокот во Македонија беше чудно да бидеш женски судија, со предрасуди гледаа на мене, односно мислеа дека тие сами ќе го судат натпреварот. Како женски судија може да го суди натпреварот, бидејќи мислеа дека не сум спремна и компетентна да судам натпревар. Но, сега многу работи се променети и клубовите не бараат ние да им судиме.

Може да ни раскажеш нешто интересно што ти се случило на теренот, може анегдота, непријатна случка…?

-Има многу такви случки, на почетокот кога ја почнував својата кариера во Ергеле, бев асистент судија и кренав знаменце за офсајд и сите од Ергеле ми се нафрлија дека не било офсајд , но јас бев убедена дека 100 % е недозволена ситуација. Еден од нив ме фати за гуша, мислеше дека ќе се уплашам, меѓутоа јас почнав да се смеам и тоа уште толку го изнервира. Но, на крајот се беше како што треба и натпреварот заврши без поголеми инциденти. Што е најинтересно со играчот што ме фати за гуша на крај станавме најдобри другари. По некое време ми кажа дека се изнервирал затоа што не сум се уплашила како жена, бидејќи мислел да направат притисок за да ја сменам одлуката, а тоа не се случи. Исто така имам поништено гол на Миравци со Шкендија во 92. минута…

Дали сте строг судија?

-Ова најверојатно би требало да го кажат играчите. Но, ДА никој не ме сака мене за судија на натпревар, бидејќи сум многу строга. Сите велат дека сум подобра надвор од терен, така поранешниот фудбалер на Вардар – Брага постојано ми викаше „Ееее Ива, Ива многу си фина кога се дружиме надвор од терен, но на натпревари подобро да не ни доаѓаш.

Како судија сигурно следиш што се случува во светот на фудбалот. Денеска сè се врти околу Роналдо и Меси. Според Вас, кој е подобар фудбалер?

-Ги следам, но јас сум по играчите кои не се толку многу извикани. Секоја чест што се толку добри, но има и подобри од нив, а не се толку многу експонирани. Но за поголем професионалец, за работа и тренирање и тоа што го покажува сум за Роналдо. Но за Меси можам да кажам дека е по тимски играч.

До каде е фудбалот, особено женскиот во Македонија и што треба да се направи за да се подигне на повисоко ниво?

-Треба многу да се работи, многу да се вложува, и да не викаме дека немаме услови. Кога одиме во УЕФА, велиме дека немаме услови, а кога таму ќе ни покажат земји кои немаат услови сме зачудени. Тоа се земји што немаат голови, за стативи поставуваат патики од шишиња, немаат трева се игра на бетон, е таму навистина нема услови. Ние имаме услови. Прво треба сите спортски комплекси да бидат отворени, секој да може да отиде и да тренира. Луѓето да почнат да имаат навика да спортуваат. Кај нас сите спортски терени што ги направија од АМС се заклучени. Јас како индивидуа не можам да отидам кога сакам и да истрчам. Зошто, за кого е тоа направено? Во Хрватска се е отворено и секогаш може да се спортува, а тука кај нас до петнаесет часот и после се е затворено. Тренерите треба малку попрофесионално да си ја сфатат тренерите работата, заради многу тренери се откажуваат многу девојчиња, многу фудбалери. Денеска секој втор стана тренер, секој што завршил на факултетот за физичка култура. Според мене тоа е погрешно, малку треба да биде потешко запишувањето во фудбалската федерација, едноставно да не може секој да добие лиценца. Во помладите категории тренерите користат многу вулгарни зборови кон децата и кон нас судиите. Ваквите работите треба максимално да се казнуваат, односно тренерот треба да се казни максимално, бидејќи децата учат од него. Затоа децата не стигнуваат до сениори, и затоа немаме сениорски екипи. Ако не ги направиме столбовите на куќата, како ќе одиме понатаму. Сè треба да се промени од детските лиги, каде резултатот не е ниту важен. Родителите моментно немаат време за своите деца и тука е тренерот како втор родител. Неделно повеќе поминуваат со тренерот, отколку со родителот. Затоа би требало да се смени начинот на работа во клубовите. Едноставно не може секој да отвори фудбалска школа, мора да има некакви стандарди. Што се однесува до женскиот фудбал, во последно време има се повеќе девојчиња, но треба да се работи за да се постигнат резултати во сите сегменти, култура, начин на исхрана… затоа што не е само да се дојде на терен и да се одработи еден час. И федерацијата треба да се ангажира и да направи нешто за нас судиите, да се направи академија или курс за судии, бидејќи ние моментално немаме нови судии.

Кои се вашите идни планови?

-Сега сум во прва категорија судии на ФИФА и целта е елитата, а за тоа е потребно да направам уште еден чекор, но се што направив до сега, направив сама. За понатаму ќе ми треба помош од Фудбалската федерација. Треба да добиваме натпревари од втора и прва лига што за жал не ги добиваме. Бидејќи во ФИФА и УЕФА не може да не стават во повисока категорија доколку не судиме мечеви од највисок ранг во својата држава. Значи ако не те почитуваат во својата држава, нема да те почитуваат и надвор. Моментно го имаме овој проблем и се надевам дека наскоро ќе се промени. Се разбира судев едно европско финал (У19), испишав историја, но сега зошто да не судам финале и на некое Светско првенство или сениорско Европско првенство.

 

Славе ТАСЕВСКИ

Фото: П. Стојановски