Ќе падне ли договор меѓу Ковачевски и Мицкоски: Ќути трај- избори во мај?!

309

Ако постои волја, партиските лидери може да се договорат и догодина во мај да има двојни избори, коментираат познавачите на политичките состојби во врска со изборната 2024, кога треба да се одржат и претседателски и редовни парламентарни избори. Два изборни циклуса во рок од три месеци се голем трошок, со оглед на фактот што за едни избори од државната каса се издвојуваат најмалку по 6 милиони евра. Од друга страна, експертите предупредуваат дека двојни избори ќе гарантираат и поголема излезност, која, можеби, ќе биде доведена во прашање ако треба да излезат граѓаните два пати на гласање во краток временски период.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР предупредува на роковите што треба да бидат испочитувани согласно со Изборниот законик. Арсовски потенцира дека новиот шеф на државата мора да биде „устоличен“ најдоцна до 12 мај, што значи дека претседателските избори мора да завршат до април, а парламентарните да бидат најрано на 15 мај.

– Се покажало дека крајот на пролетта и почетокот на есента се најсоодветни термини за избори. Луѓето се најмногу тука, не користат годишни одмори, временските услови се поволни – нема врнежи, не е прежешко, студено или дождливо. Што се однесува до спојувањето или одвојувањето на двата изборни циклуса, возможно е да се поклопат изборите, но само со политички договор. Мандатот на пратениците е до 16 јули, а Државната изборна комисија има право да распише избори 60 дена пред истекот на мандатот на актуелните пратеници и во тој случај, може да има парламентарни избори најрано на 15 мај. Во исто време, новиот претседател треба да биде инаугуриран до 12 мај и не гледам можност да се поклопат роковите, освен ако нема политички договор и Собранието да се распушти предвреме. Во моментов, не гледам политичко расположение за двојни избори, судејќи по изјавите на власта, но имајќи ја предвид поголемата излезност ако се одржат и парламентарните и претседателските избори во ист ден, не ја исклучувам можноста партиите да постигнат договор – појаснува Арсовски.

Во јавноста сè почесто се споменува мај како термин за гласање следната година. Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, неодамна го посочи 5 мај 2024 година како најповолен термин за одржување на редовните парламентарни и претседателски избори со цел да се избегнат два изборни циклуса и да се заштедат пари.

– Има логика да биде и заедно, во таа недела- две каде што се преклопува. Ќе чини многу поевтино, а и не би било значително отстапување од четиригодишниот мандат на пратениците. Според мене, најсоодветно е да се направи така, иако има аргументи да бидат посебни процеси и, веројатно, допрва во буџетот ќе се предвидуваат пари ако решат да бидат во посебни термини – изјави Кржаловски за телевизија „Алфа“.

Шеф на држава се избира во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател, а собраниски состав во последните 90 дена. Мандатот на Пендаровски истекува на 12 мај идната година, а парламентарните избори, согласно со уставните рокови, треба да се одржат најдоцна до 4 август, денот кога е одржана првата конститутивна седница во 2020 година.

Премиерот Ковачевски рече дека претседателските избори ќе се одржат во втората половина на март, а парламентарните во втората половина на јуни. Законот дозволува да се маневрира со термините за претседателски и за парламентарни 60, односно 90 дена.

Партиите се подготвуваат за избори, иако засега е неизвесно дали тоа ќе бидат споени или посебни процеси – за претседател на државата и за нови пратеници. Неофицијално, во најголемите партии во тек се внатрепартиски анкети, а во јавноста веќе се шпекулира со одредени имиња. Со кампања, генерално преку социјалните мрежи, интегративците пред два месеца повторно ја актуализираа идејата за прв премиер Албанец – предизборен договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Актуелниот народен правобранител Насер Зибери во предизборната кампања беше претставен како кандидат за прв премиер Албанец, кој треба да дојде на чело на Владата, според договорот, три месеци пред изборите, односно на позицијата технички премиер. Три години подоцна, иако веќе има друга функција, Зибери изрази подготвеност да ја преземе оваа задача доколку Ахмети го предложи за технички премиер.

И додека во медиумите сè почести се анкетите за доверба во политичарите и во партиите, во партиските штабови, неофицијално, се мерат рејтинзите и за фаворитите кои би биле можни кандидати за нов шеф на државата. Првиот полицаец Оливер Спасовски, вицепремиерот Фатмир Битиќи или актуелниот претседател Стево Пендаровски – на „Бихаќска“ се мери расположението на членството, иако до изборите за шеф на државата има уште цела година. (Ј.Ц.Г.)