Европратеникот Илхан Ќучук и воедно известувач за Македонија во Европскиот парламент дојде во земјава со охрабрувања за почеток на преговорите, но и со порака за што подлабоки реформите потребни за членство во Европската унија. Во врска со спорот со Бугарија, порача дека нема лесен разговор за историјата и дека таа треба да се остави на историчарите, но додаде дека одлуките сепак ќе бидат политички.

„Билатералните прашања да е решаваат со билатерален формат. Мојот одговор секогаш бил историјата треба да биде оставена на историчарите кои треба да дискутираат за неа професионално, а преговорите се политички прашања но важен дел од секоја рамка се добрососедските односи. Ние имаме потреба од враќање на довербата, за да изградиме трајни меѓусоседски односи за идните генерации.“, рече Ќучук.

Македонија испорача на сите полиња и заслужува вреднување на напредокот, односно почеток на преговорите и одржување на првата Меѓувладина конференција, му порача министерот Османи на европратеникот. Тој рече и дека со Ќучук говореле и за отворените прашања со Бугарија, а најави и дека парламентот на ЕУ на 4 март ќе расправа за нашата земја.„Оваа денешна посета е секако важна за нас, претстои гласање на Нацрт резолуција за Република Северна Македонија во Европскиот парламент и тоа на 4 март, прво на Комисијата за надворешна политика додека гласањето на пленарна седница се предвидува на крајот на март. Не очекуваме ништо повеќе од она што е реално, од она што е јасно и видливо и веќе неколку пати повторно дека Република Северна Македонија испорача на сите полиња и заслужува вреднување на остварениот напредок“, рече Османи.

Ќучук е во дводневна посета на земјава на која покрај со министерот Османи ќе се сретне и со шефот на државата Стево Пендаровски, шефот на парламентот Талат Џафери, премиерот Зоран Заев а ќе има средби и со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и други политички партии.