Ќе јадеме поскапа храна, но со помалку хемикалии

Зголемените транспортни трошоци на глобално ниво ќе предизвикаат зголемување на цените на суровини и репроматеријали од увоз. Под влијание на зголемените цени на инпутите пестициди, ѓубрива, работна рака, производството на земјоделски производи уште следната сезона може да биде поскапо, предвидуваат меѓународните агенции

197

Корона-кризата ќе влијае врз увозот на суровини и репроматеријали и ќе предизвика зголемување на цените на производите во повеќе сектори, а најмногу во земјоделството. Според предвидувањата на светските агенции, зголемените транспортни трошоци на глобално ниво ќе предизвикаат зголемување на цените на суровини и репроматеријали од увоз. Под влијание на зголемените цени на инпутите пестициди, ѓубрива, работна рака, производството на земјоделски производи уште следната сезона може да биде поскапо.

И македонските земјоделците сметаат дека со оглед на фактот што голем дел од семињата, ѓубривата, пестиците, хербицидите… се увезуваат и зголемувањето на нивните цени ќе влијаат на зголемување на цените на домашните земјоделски производи. За да се намалат трошоците во земјоделството и да се обезбедат со потребните количества на вештачко ѓубре, тие сметаат дека потребно е да се рестартира поранешната фабрика во Велес.

-Треба да се размислува за повторно ставање во функција на фабриката за минерални ѓубрива од Велес за која се покажа дека не опасна за околината. Доколку имаме домашно производство ќе се намалат трошоците за набавка на ѓубрива од увоз, а тоа ќе влијае и на намалување на трошоците за производство на земјоделските производи, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.

Од друга страна, пак според некој од земјоделците зголемените цени на пестицидите ќе доведат до нивна помала употреба во производството, а тоа ќе ги натера да произведуваат повеќе органска храна, а помалку храна третирана со пестициди.

-Сега за сега зголемените трошоци за увоз на суровините и репроматеријалите за земјоделско производство не влијаат врз цените на производите, но во следните сезони сигурно ќе има зголемување на цените. Сите пестициди и ѓубрива кој ги користиме се од увоз од Грција, Италија, а има некои и од Америка. Најголем дел од пестицидите и хербицидите се користат за уништување на штетници и за подобар и поквалитетен род, вели Ристо Велков, претседател на синдикатот на земјоделци во струмичкиот регион.

Според него, зголемените цени ќе влијаат врз намалување на користењето на пестициди во земјоделското производство, а тоа е добро бидејќи ќе нема многу хемикалии во овошјето и зеленчукот.

Тој додава дека кризата ќе влијае и врз зголемување на цената на работна сила во земјоделството што ќе биде уште еден фактор кој придонесе за повисоки цени на земјоделските производи.

Според предвидувањата на светските агенции, влијанието на пандемијата врз пазарите на суровини може да резултира во подолгорочни промени. Трошоците за транспорт ќе бидат повисоки како резултат на дополнителните барања на прекуграничните премини. Повисоките трошоци особено ќе влијаат врз земјоделските производи и текстилот. Земјите во развој кој се најзависни од увоз на суровини ќе бидат меѓу најранливите од економските последици на пандемијата.

(А.С.)