Ќе јадеме поевтин сутлијаш, се замрзнува цената на оризот и на шеќерот

Инспекторите на терен проверуваат дали се почитуваат владините мерки

658

На владина седница треба да се одлучи за анализите на Министерството за економија со кои треба да се замрзнат цените на јајцата, шеќерот и на оризот. Изминативе денови, 160 инспектори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) беа на терен и извршија над 250 надзори. Како што информираат од ДПИ, утврдено е дека поголемиот дел од маркетите ги почитуваат одлуките на Владата, но кај  четири субјекти имало неправилности. Станува збор за економски субјект во Охрид, кој продавал леб по цена повисока од онаа утврдената во одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари

 

 

 

Анализите што ги подготви Министерството за економија со кои треба да се замрзнат цените на јајцата, шеќерот и на оризот, на утрешната владина седница ќе бидат разгледани. Засега не се обелоденува колкав ќе биде процентот на намалување на овие производи, но во маркетите, до 31 мај годинава, замрзната е цената на белиот и на полубелиот леб на 33 денари. Од минатата недела, од 10 до 15 % се замрзна и цената на тестенините, млекото и на млечните производи.

Според дел од граѓаните, мерките се добри, а според други, тие се задоцнети, бидејќи реалниот раст на  платите и на пензиите не е доволен за да ги покрие  основните животни трошоци.

Изминативе денови, 160 инспектори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) беа на терен и извршија над 250 надзори. Како што информираат од ДПИ, утврдено е дека поголемиот дел од маркетите ги почитуваат одлуките на Владата, но кај четири субјекти имало неправилности. Како што велат тие, не ги почитувале последните одлуки на Владата за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи.

Како што вели Горан Трајковски, директорот на Државниот пазарен инспекторат, станува збор за економски субјект во Охрид, кој продавал леб по цена повисока од онаа утврдената во одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, како и за три економски субјекти од Охрид, Битола и во Кичево, кои не ја почитувале одлуката за намалување на цените на тестенините и на млечните производи.

– Во последните два дена, извршени се над 250 надзори на целата територија. Од надзорите, констатирано е дека одлуките се почитуваат, освен кај четири економски субјекти, за кои се изречени прекршочни платни налози во вредност од над 1 120 000 денари – изјави Трајковски и дополни дека и во идниот период инспекторите ќе бидат на терен и ќе работат со полн капацитет на територијата на целата држава.

Според него, ваквите одлуки се за доброто на граѓаните, но трговците не треба да чекаат да се донесат одлуки, па да ги намалуваат цените.

– Апелирам, онаму каде што има можност, да ги намалат цените и на другите производи што се неопходни за граѓаните. Во време на криза, потребна е солидарност, а не профитерство – смета Трајковски.

Трајковски порача дека ќе се казнува без пардон, а казните се високи од 800 до 10 000 евра. Првиот пазарен инспектор во земјава, Трајковски, тврди дека Инспекторатот нема надлежност да ги казни фирмите што користеа субвенционирана струја и не ги намалија цените на производите, иако три месеци плаќаа петпати поевтина струја од берзанската.

Што се однесува за замрзнувањето на цената на оризот, веднаш се огласија оризопроизводителите, кои побараа од власта да не се замрзнува, туку да се зголеми таа за 20 отсто и државата да почне да го откупува за стоковни резерви, а потоа да се размислува за замрзнување на цената.

Оризопроизводителите велат дека штетата ќе биде голема, веднаш откупувачите ќе им ја намалат откупната цена на оризовата арпа, и тоа на самиот старт на сеидбата низ Кочанско и низ Виничко Поле.

Најавата за замрзнување на цената на оризот за оризопроизводителите значи дека оваа пролет нема да бидат посеани поголеми површни, бидејќи нема да им се исплати. 

(В.Ма.)