Ќе стаса ли приказната за древната Колобаиса до УНЕСКО?

188

Античката населба Колoбаиса кај Прилеп, поточно во околината на манастирот Трескавец, од 2008 година е во фокусот на истражувањата на Институтот за старословенска култура и археологот Бранко Ристески. Токму на овој простор, на 1.200 метри надморска височина, се пронајдени и уникатни наоди кои зборуваат дека се работи за култно, религиско место. Според Ристески истражувањата, беа насочени кон дефинирање на карактерот на населбата Колобаиса во две етапи, од крајот на првиот и почетокот на вториот век па до последните децении на четвртиот век, и втората етапа, таканаречената Рановизантиска е од петтиот и шестиот век.

„Успеавме да ги дефинираме архитектонските, функционалните решенија на двата влеза во населбата. Главниот влез е позициониран на западната страна од бедемот и помошниот простор (потерната) на источната страна. Она што е најбитно како заклучок е дека конструкцијата, или техничките решенијана овие влезови јасно упатуваат на тоа дека немаат нагласена фортификациска (одбранбена) улога што ја потврдува нашата почетна теза дека овој простор уште од праисторијата па до ден-денес, има нагласено сакрално, култно значење. Имено, дури и во периодот на 5 и 6 век кога Колобаиса е вклучена во одбранбениот систем на Северна Пелагонија како просторна заштита и уште тогаш нема нагласени фортификациски објекти, туку само комуникациски пункт, вели Ристески.

Според него тоа отвора дополнителна димензија во поширокото заштитено подрачје „Маркови кули“. Така, ридот „Маркови кули“ има одбранбена и функција на населба, гранитното извишување Кукул-Баба има стопанска функција, а возвишението Златоврв -Трескавец има единствено сакрален карактер.

„Токму новите сознанија за корените, односно, највисоките точки на дострел на манастирскиот комплекс се нова димензија која ни овозможува овој простор, во пошироки научни рамки да го промовираме и да му ја дадеме онаа димензија што нам ни е битна за постојаната листа на УНЕСКОЌ, изјави Ристески.

Со оглед дека е завршена првата фаза, смета Ристески, може в година да се аплицира и за завршните археолошки истражувања и конзерваторските работи на античката населба Колобаиса.

„Уникатноста на овој простор е култноста и сакралноста кои како да се дадени од природата кои човекот само ги опредметува од праисторијата до денес, го заклучува објаснувањето археологот Бранко Ристески и директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп.