Ќе станат ли реалност откупно-дистрибутивните центри во државата?

Откупно-дистрибутивни центри, кои ќе се изградат со парите од кредитот од Светска банка, ќе ја опслужува не само нашата држава туку и земјите во регионот. Постапката за изградба е во тек и веднаш откако во Собрание ќе се изгласа Законот за задолжување, ќе се започне со изградба на откупни центри во Скопје, Ресен и Струмица

95

Со кредит од 50 милиони евра од Светска банка во државата ќе се градат три откупно-дистрибутивни центри, два помали во Струмица и Ресен и една агрофуд-платформа која ќе биде лоцирана во Скопје. Освен за откупни центри, дел од средствата ќе се искористат и за регистарот, односно и пописот на државното земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и пасиштата, за изградба на кафилерија и за реконструкција на Платежната агенција.

-Откупно-дистрибутивни центри, кои ќе се изградат со парите од овој кредит, ќе ја опслужува не само нашата држава туку и земјите во регионот. Постапката за изградба на откупни центри е во тек и веднаш откако во Собрание ќе се изгласа Законот за задолжување, ќе се започне со изградба на откупни центри во Скопје, Ресен и Струмица, изјави Димковски.

Тој во одговор на прашање за весникот ВЕЧЕР појасни дека помал дел од средствата ќе се искористат и за регистарот, односно и пописот на државното земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и пасиштата.

-Дел од парите се планирани и за изградба на кафилерија од 4,5 милиони евра, кои се грант од Европската комисија, дел се за реконструкција на Платежната агенција за која се бара нова зграда и нова техничка опрема. Средства има и за едукација на земјоделците која е предвидена по отворањето на откупно-дистрибутивните центри, нагласи Димковски.

Она што е познато од претходно е дека овие откупно-дистрибутивни центри ќе се градат на државни плацеви, а ќе ги раководат самите производители, не трговците. Според производителите, откупните центри ќе го стабилизираат пазарот на земјоделските производи, односно на јаболката во Ресен, на градинарските производи во Струмица и профитот ќе оди кај производителите, не кај трговците.

Проблемот помеѓу производителите на земјоделски производи и откупувачите е  константен, бидејќи откупувачите ја диктираат цената и ги принудуваат земјоделците да ги продаваат своите производи по ниски цени. Сега со откупно-дистрибутивните центри, производителите сметаат дека работите ќе се сменат. Тие ќе менаџираат со откупните центри, ќе бараат пазари и профитот ќе оди кај нив.

Изградбата на откупно-дистрибутивни центри во државата ја навуваше уште претходниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, а министерот Димковски ја продолжи иницијативата која со потпишувањето на кредитот со Светска банка стана реалност.

Како една од избраните локации за изградба на ваков центар освен Ресен е и Струмица. Изградбата на откупно-дистрибутивниот центар во Струмица, како што беше најавено лани, ќе изнесува 6,2 милиони евра. Овој модерен откупно-дистрибутивен центар ќе се фокусира на главните култури произведени во регионот, како што се домати, зелка и пипер. Центарот ќе биде изграден на 12.000 квадратни метри површина со капацитет за 25.000 тони откуп на земјоделски производи.

(А.С.)