Ќе славиме, градот ќе биде црвен, но сега останете дома

44

Илјадници фанови на Ливерпул се собраа на градските улици после поразот на Манчестер Сити на гостувањето кај Челзи. Благодарение на тој резултат, „црвените“ по пауза од 30 години ја освоија шампионската титула во англиската Премиер лига.

И покрај строгите мерки кои се донесени поради пандемијата со смртоносниот вирус Ковид-19, најверните фанови на Ливерпул направија голема забава. Освен што не ги почитуваа здравствените мерки, дури 15 навивачи беа уапсени поради насилно однесување.

Во заедничкото соопштение, полицијата и навивачкото здружение на Ливерпул, го осудија таквото однесување и одлуката да се прослави шампионската титула на отворено. Пред неколку дена, отворено писмо испрати и менаџерот на актуелниот светски и европски клупски шампион, Јурген Клоп.

  • И јас сум човек и јас ја делам вашата страст, но сега е најважно да немаме вакви јавни собири. Тоа им го должиме на најранливите во нашата заедница, на здравствените работници кои многу ни дадоа, на полицијата и локалната власт кои ни помагаат да не правиме такви работи. Ве молам, славите, но славите сигурно и приватно. Така не ризикуваме со ширењето на оваа ужасна болест во нашата заедница. Мора да го направиме тоа што е исправно за нас и за останатите, а во овој момент тоа значи дека сме тука за другите. Кога ќе дојде вистинскиот момент, ќе ја прославиме шампионската титула. Ќе уживаме во тој момент и ќе го обоиме градот во црвено. Но за сега, ве молам, останете во вашите домови што е можно подолго, напиша трофејниот германски стручњак.