Ќе се формира фонд за туризам за помош на секторот откако ќе заврши кризата со коронавирусот

33

Државата во наредните денови ќе формира фонд за туризам кој ќе работи во рамки на Министерството за економија и ќе има над два милиони евра на располагање за да им излезе во пресрет на угостителите, хотелиерите и туристичките агенции за надминување на проблемите што ги предизвика коронавирусот во овој сектор, најави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

Тоа, како што кажа во емисијата Топ тема, ќе се прави со директно субвенционирање откако ќе заврши кризата.

-Кризата ќе помине, а ние нема да ги оставиме работниците на улица. Државата ќе им излезе во пресрет. Како стопанственици и како држава треба да работиме напорно што повеќе да ги зачуваме работните места во нашата држава во услови на вонредна состојба. Тоа ќе биде добро за државата, но истовремено и за работодавачите зашто откако ќе заврши кризата тие повторно ќе треба да работат со истите луѓе, посочи Бектеши.

Веќе, нагласи, определивме 5,7 милиони евра за бескаматни кредити, а дополнително обезбедивме уште осум милиони евра за кои многу скоро ќе биде објавен јавниот повик.

-Веќе имаме над 700 апликанти од кои повеќето се од угостителскиот сектор за бескаматни кредити.  Досега се одобрени 1,2 милиони евра за да им излеземе во пресрет на компаниите кои се најпогодени од кризата. Тоа покажува дека компаниите се заинтересирани за оваа мерка, посочи Бектеши

Извор:МИА