Во изминатите неколку дена, фудбалските медиуми ја форсираа и информацијата дека најдобриот шведски фудбалер, Златан Ибрахимовиќ, е пред камбек во италијанската Серија А. Во минатото популарниот Ибракадабра го носеше дресот на Јувентус, Интер и на Милан, а моментално ги брани боите на американскиот гигант Лос Анџелес Галакси.

Сепак, Ибра посака повторно да биде дел од елитниот фудбалски свет и сака својата кариера да ја заврши во некоја посилна европска лига. Со месеци аргентинскиот гигант Бока Јуниорс важеше за прв фаворит кога е во прашање потписот на Златан, но во последните неколку дена во игра се вклучи и калчо гигантот Интер, чии челници веќе остварија контакт со контроверзниот агент на Ибра, Мино Раиола.

Можниот камбек на Ибракадабра на „Џузепе Меаца“ го искоментира и жестокото момче на италијанскиот фудбал и поранешен тимски колега на Швеѓанецот, Антонио Касано.

  • Ибрахимовиќ во Интер? Ќе се степа со Антонио Конте за минута и пол. Најверојатно ќе се степа со него веднаш по првата прес-конференција, изјави Касано во емисијата „Тики-Така“.

Ибрахимовиќ има договор со ЛА Галакси до 31 декември 2019 година, а пред неколку дена изјави дека иако има 38-години сигурно ќе биде подобар играч од поголемиот дел фудбалери кои моментално настапуваат во Серија А и дека без никаков проблем ќе постигне 20 погодоци во една сезона.

Дресот на Интер го носеше од 2006 до 2009 година, но генералниот менаџер на „нероазурите“, Џузепе Марота, изјави дека Интер моментално нема потреба од нов напаѓач затоа што на почетокот од 2020 година, на зелениот терен ќе се врати чилеанскиот интернационалец Алексис Санчез, кој заработи незгодна повреда додека играше за националниот тим.