Ќе се реконструираат патеките во кањонот Матка

104

Град Скопје ќе ги реконструира постојните патеки во кањонот Матка од пештерата „Врело“ до пештерата „Убава“ во должина од околу 700 метри, како и патеката од манастирот „Свети Андреа“ од клинот до Висок Рид, спроти пештерата „Врело“, чија должина се проценува на околу 3.800 метри.

За таа цел, градските власти распишаа тендер за изработка на проектна документација за реконструкција на локалитетот Матка, чија проценета вредност без ДДВ изнесува 254.237 денари. Времетраењето на договорот е во период од три месеци.

– Освен што има оштетувања односно пукнатини на патеките, утврдени се и оштетувања на заштитната ограда и опрема покрај патеките. Потребно е и патеките да се расчистат од грмушки, дрвја, земја, камен и слично – наведено е во распишаниот тендер.   

По добивањето на оваа документација, наредна фаза е распишување на јавни набавки за изведба. Поради тоа, од Градот велат дека не можат да дадат конкретни датуми и суми за овој зафат.

(А.П.)