Ќе се протестира и утре – огромно е незадоволството во градинките и училиштата!

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, посочи дека штрајкот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, дури и во случај да се сретнат со владините претставници и да се усогласат по однос на нивните барањата, затоа што како што истакна, потребно е време за договорените промени да се имплементираат во пракса. Неделков, исто така, им се извини на родителите за новонастанатата ситуација, но и се заблагодари за масовната поддршка која им ја укажуваат, а тоа како што посочи,  се гледа по малиот број на ученици во основните и средните училишта и релативно малиот број деца кои вчера биле донесени во градинките

144

Училишните ѕвончиња во сите основни и средни училишта низ државава, утрово заѕвонија, но не за првиот училиштен час туку за почеток на генералниот штрајк на наставниците и учителите. Се штрајкува во двете смени, а според синдикалците, штрајкуваа околу 25 илјади наставници. Бараат веднаш да се зголемат платите во дејностите образование и детска заштита. Во дел од скопските училишта само мал број од учениците кои отидоа на училиште мораа да се вратат, а поголемиот дел останаа дома. На штрајкувачите на СОНК по пат на солидарност им се приклучија ученичките и студентските домови и  високообразовните институции. Необична атмосфера имаше и во градинките каде што децата не се враќаа туку се згрижуваа, но не по групи, туку со внатрешна реорганизација.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, посочи дека штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, дури и во случај до крајот на денот да се сретнат со владините претставници и да се усогласат по однос на нивните барањата, затоа што како што истакна, потребно е време за договорените промени да се имплементираат во пракса.

-Многупати споменавме дека ние не сме тие коишто ќе речеме децата да не се носат во детските градинки, меѓутоа уште сто пати ако треба ќе кажеме дека процесот на штрајк никој не смее да го прекине, никој не смее да врши притисоци и од таа причина најавивме кривични пријави против секој оној што ќе се обиде да го спречи штрајкот, истакна Неделков, додавајќи дека на првиот ден од штрајкот, масовно се штрајкувало во сите воспитно-образовни установи низ земјава, но оти вработените во одредени установи се соочиле и со притисоци. Потенцираше дека посериозни притисоци и проблеми имале во детските градинки каде што дел од директорите настојувале воспитувачите по секоја цена да влезат во детските групи, или да го прекинат штрајкот. Неделков додаде дека никој не смее да го прекине процесот на штрајк и најави кривични пријави против секој што ќе се обиде да го стори тоа. Во однос на притисоците на вработените во воспитно-образовните институции, особено изразени притисоци имало во детските градинки во Општина Центар, во Општина Карпош во градинката „Орце Николов“, во Општина Валандово, Општина Гевгелија и во некои други општини каде што има помал број на штрајкувачи кои морале да бидат на своите работни места иако се во штрајк.

-Апсолутно е неприфатливо и недемократски во 21 век некому да му се крати правото на слободно изразување на неговото незадоволство. Тоа ние нема да го дозволиме“, истакна Неделков.

Освен овој проблем, за кој претседателот на СОНК смета оти нема да ги поколеба штрајкувачите, истакна оти постои уште еден проблем, а тоа е времето на штрајкување на дневна основа.

– Се толкуваат разноразни закони, особено законот за работни осноси каде што се предвидени 40 часа работно време неделно или осумчасовно работно време дневно. Меѓутоа, ова се посебни дејности каде што не се обврзни колегите и колешките да бидат на работа осум часа и од таа причина сметам дека во најмала рака треба договорот помеѓу директорите на установите и градоначалниците да биде да се штрајкува онолку колку што биле и смените во училиштата, истакна Неделков и додаде оти инсистирањата да се штрајкува по осум часа е непродуктивно со што се прават дополнителни трошоци во установата.

Неделков, исто така, им се извини на родителите за новонастанатата ситуација, но и се заблагодари за масовната поддршка која им ја укажуваат, а како што посочи, тоа се гледа по малиот број на ученици во основните и средните училишта и релативно малиот број деца кои се донесени во детските градинки.

– Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете  било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус, истакна Неделков.

Министерот за образование Јетон Шаќири најави дека социјалниот дијалог ќе продолжи со СОНК за набргу да се најде решение, но смета дека штрајкот требаше да биде последен чекор. – Владата е за тоа просветните работници да земаат поголеми плати и тоа го имаме докажано: во 2018  пет проценти повеќе, во 2019 пет проценти повеќе, 2020 десет проценти повеќе. Ако ги собереме кумулативно, тоа се 21 процент. Во 2020 почна пандемијата, здравствената криза продолжи и со економска, но пак кажуваме дека ќе работиме на решавање на проблемите за наставниците да имаат повисоки плати, додаде министерот Шаќири.

И министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, изјави дека најголем дел од детските градинки работат и ги згрижуваат децата, а само мал дел градинки во Гази Баба, во Бутел и една градинка во Карпош не работат. Останатите градинки во државата, ги згрижуваат децата и имаат воспитувачи и негователи, кои не штрајкуваат и ги згрижуваат децата.

– Во 2017 година, платата на воспитувач била 18.300 денари, денес во февруари платата е 26.574 денари. За негувател сега просечна  плата е 19.560 денари, а во 2017 година негователот земал плата 14.493 денари. Ова покажува дека платата е покачена за околу 21 процент, а техничкиот персонал доби покачување со  Законот за минимална плата и нема пониска плата од 18.000 денари, рече Тренчевска. Исто така, министерката додаде дека со барањето за покачување негователите би добиле околу 24.000 денари, нето-плата, без минат труд, додека пак, воспитувачите 30.500 денари.

Протестот на СОНК го поддржаа партиите од опозицијата како и дел од родителите. (Е.А.)