Ќе се постават 40 канти за одлагање на искористените маски и ракавици

592

Неделава на подрачјето на Скопје, Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ ќе постави 40 црвени пластични канти на различни локации пред маркетите, наменети за одлагање на искористените заштитни маски и ракавици, кои сега граѓаните ги фрлаат несоодветно насекаде, па дури и на улиците.

На самите канти ќе има налепници за што се наменети, за овој отпад да не се меша со останатиот.

Оваа активност ќе се спроведе во соработка со ланец маркети и јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

Освен тоа, вработените од маркетите веќе имаат добиено инструкции како да го одлагаат овој отпад. Кантите немаат капак, туку на средина имаат дупка од каде што ќе се одлага овој потенцијално контаминиран отпад.

Овој отпад од кантите ќе го празнат вработените во маркетите. Ќе го ставаат во специјални жолти кеси за да се знае дека се работи за потенцијално контаминиран отпад, а потоа тие кеси ќе ги преземаат вработените од ЈП „Комунална хигиена.

-Целта е да ги заштитиме комуналните работници од потенцијалното ширење на зараза, но и потенцијалните неформални собирачи на отпад, бидејќи сум била сведок како тие на лицето ставаат веќе користена маска – потенцира Билјана  Матевска, проектен менаџер во „Флорозон“ и додава дека е важно да се подигне свеста кај луѓето како правилно  да го одлагаат овој потенцијално контаминиран отпад.

Покрај тоа што ќе бидат набавени овие корпи, Центарот ќе спроведе и кампања за правилно одлагање на еднократно употребените маски и ракавици.

Освен во Скопје, ваква активност ќе се спроведе и во други градови во државава: Тетово, Куманово, Струга и Кичево, а не е исклучено да се спроведе и во некој друг град.

Проектот е финансиран од Владата преку Одделението за соработка со невладини организации, за што е добиен грант.

(А.П.)