Ќе се постават три агрометеоролошки станици

165

Во општина Гевгелија ќе бидат поставени три агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина.

Според информациите од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, преку кој се реализира целиот проект, веќе е потпишан Договорот за набавка на 23 агрометеоролошки станици во рамките на проектот „Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“.

Во согласност со претходната распределба и експертска анализа, во општина Гевгелија ќе бидат поставени три агрометеоролошки станици за заштита на виновата лоза, бостанот и пченицата. Имено, статистичката анализа покажала дека овие култури се најзастапени на територијата на општина Гевгелија.

Следната фаза е утврдување на локации за поставување на станиците во секоја општина имајќи предвид дека станиците треба да бидат поставени на отворена површина односно на самите земјоделски површини застапени со овие култури. Агрометеоролошките станици, покрај информациите за временските прилики истовремено ќе даваат и корисни информации за земјоделците за заштитните мерки што треба да ги преземат при третирањето на земјоделските култури, и тоа,  во согласност со временските прилики и по непогодите кои ќе го зафатат регионот.