Градот Скопје определи нови седум локации за поставување на станици за полнење на електрични автомобили.

Поставувањето ќе го направи ЕВН Македонија, се со цел не само за подобрување на квалитетот на воздухот, туку и овозможување подобри услови за поттикнување на граѓаните на град Скопје кон нов начин на транспорт и заштита на животната средина.

Станици за полнење на електромобили, како што пишува во предлог-одлуката ќе се постават: на паркинг просторот на булеварот „АСНОМ“ број.154 во општина Аеродром, потоа на паркинг просторот на јавното претпријатие „Градски паркинг“, на улицата „Народен Фронт“.

Во општина Центар, станица за полнење ќе има на паркинг просторот зад поликлиниката Ѓорче Петров, во општина Ѓорче Петров, на паркинг просторот кај плоштадот „Делфина“, во општината Карпош, на паркинг просторот пред ТЦ „Алуминка“ од страната на булеварот „Партизански одреди“ во општина Карпош, , на паркинг просторот на улицата „Втора Македонска Бригада“бб пред Институтот за јавно здравје во општина Чаир и на паркинг просторот на улицата „Јани Лукровски“ број 2 во општина Гази Баба.

Како што стои во предлог-одлуката, целта на овој проект е во согласност со превземените активности од страна на Градот за охрабрување на учесниците во сообраќајот за промена на начинот на транспорт и промоција на станиците за полнење на електромобили како алтернативен начин на транспорт во насока на подобрување на квалитетот на воздухот.

Во согласност со Меморандумот за соработка склучен помеѓу Град Скопје и ЕВН Македонија од 12.12.2016 година, веќе има поставено седум станици за полнење на електромобил на различни локации во градот, утврдени со елаборат за поставување на урбана опрема.

Предлог-одлуката за определување локации за поставување на урбана опрема- станици за полнење на електромобили треба да се најде на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи во вторник.

Како што информираше Атанас Ковачевски, портпарол во ЕВН, во рамките на првата фаза од проектот „Електромобилност со ЕВН“ се поставени околу 40 станици за полнење на електромобили во земјава , поточно во Скопје и 17  други градови.

– Од нив, 16 станици за полнење се инсталирани во Скопје. Тие се 22 киловолтни, а во останатите градови 15 се веќе поставени. Во крајна фаза е поставување на станици во Прилеп и во Битола и седум нови во Скопје, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека планот е освен жителите на земјава да ги полнат своите електрични возила и оние што доаѓаат во Македонија од други земји да можат да ги полнат своите возила.

Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ има изработено студија за транспорт според која до 2035 година за 35 отсто треба да се намали емисијата на јаглероден двооксид од транспортот.

Студијата предлага повеќе мерки да се исполнат како што се: намалување на акцизата и ДДВ при увоз на хибридни возила од 18 на 5 проценти и да нема акциза за електрични возила. Постепено изедначување на акцизата за дизелот и бензините и зголемување на еколошката такса за горивата од сегашните 0,08 отсто од продажната цена за литар бензини и 0,03 отсто за литар дизел на 0,3 отсто.

– Разликите од таксите да се користат за субвенционирање на купување на хибридни и електрични возила. Се предлага да има субвенции од 5.000 евра за набавка на електрично возило и 1.000 евра за плуг-ин возила. До 2035 се предвидува да има промена на целиот возен парк во земјава и претежно да има електрични или хибридни возила, односно 40% од возилата да бидат електрични од кои 25% чисто електрични, а 16% плуг-ин електрични возила – се наведува во студијата на МАНУ.

(А.П.)