Ќе се подобруваат оперативните и финансиските перформанси на претпријатието

40

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информира дека ја започнало соработката со германската компанија „Декон“.

Оттаму нагласуваат дека ваквата соработка е согласно планот за реализација на проектот за изградба на Пречистителната станица за отпадни води во Скопје и спроведениот избор за компанија која ќе работи на подобрување на оперативните и финансиските перформанси за спроведување на големи инвестиции.

-Оваа компанија е фокусирана на конслутантски услуги за инфраструктурни проекти во полето на енергетиката, ОИЕ, енергетска ефикасност, вода, отпадна вода и паметни градови. За прв пат во нашата држава се ангажира реномиран консултант за подобрување на оперативните и финансиските перформанси, со цел претпријатието да ги доизгради потребните институционални и технички капацитети за спроведување на големи инвестиции и успешно имплементирање на својата активност во секторот за третман на отпадни води. Средствата се обезбедени преку грант од ЕБОР, како дел од Проектот за изградба на пречистителната станица во Скопје – изјави Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“.

При тоа, се предвидува „Декон“ да и помогне на компанијата во идентификувањето и имплементацијата на потребните корпоративни, финансиски и оперативни стандарди.
Како што соопштија од ЈП „Водовод и канализација“, предвидено е помагање на компанијата да подготви петгодишна програма за корпоративен развој, вклучувајќи го и капиталниот буџет, и подготвување договор за јавна услуга помеѓу Град Скопје и Друштвото.

Исто така, ќе се предлагаат мерки и акции за намалување на трошоците за работа, како и мерки и активности за зајакнување на финансиските перформанси. Ќе се помага во спроведувањето на мерките за подобрување на управувањето на компанијата со животната средина, здравјето и безбедноста и работните/социјалните прашања.

Освен тоа, ќе се идентификуваат мерки за подобрување на капацитетот на персоналот на компанијата. Предвидено е вградување на сеопфатен план за управување со оперативни средства, но и развивање соодветни алатки за балансирање на управувањето со ризикот на средства и подобрување на оперативната ефикасност, како и информирање за идните активности за планирање на капиталот.