Ќе се набавуваат 1.700 украсни плочки со имиња на новородените бебиња

273

Градот и годинава набавува украсни плочки за секое новородено дете, што е дел од реализацијата на проектот „Дрво за секое дете“ кој скопскиот градоначалник Петре Шилегов го најави во април 2018 година, кога и со претставници на гинеколошките клиники во Скопје, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство – Чаир и Одделите за гинекологија на Аџибадем Систина и Ремедика потпишаа Меморандум за соработка за негова реализација.

Проектот со реализација започна лани во мај. Годинава напролет стагнираше поради пандемијата со коронавирусот, но од Градот велат дека ќе продолжи наесен кога и е вообичаената акцијата за садење на дрвја од страна на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.

Годинава ќе се набавуваат 1.700 украсни плочки, а рокот за доставување на понудите е до денеска кога и е нивното јавното отворање.

Инаку, вкупната проценета вредност на набавката со вклучен ДДВ е 400.000 денари, а плочките треба да бидат од алуминиум, отпорен на надворешни влијанија во правоаголна форма и со димензии 90 на 60 милиметри. Тие треба да бидат во зелена боја, додека дизајнот и текстот на плочката да бидат во бела боја, и ќе бидат дополнително доставени од страна на договорниот орган.

– Градот Скопје минатата година започна со реализација на проектот „Дрво за секое дете“, со кој се овозможува на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе, на некој од градските дрвореди, паркови или скверови, а на самото дрво ќе има плочка на која ќе го пишува името на детето и датумот на неговото раѓање – објаснуваат градските власти.

Тие велат дека досега имало интерес од родителите да се пријават за овој проект.

– Имавме барања од родителите, покрај на македонски јазик, имињата на нивните новородени деца да бидат напишани на турски, албански и ромски. Има интерес за овој проект и затоа и тој ќе продолжи наесен кога и се садат дрвја во рамките на стандардните акции на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, наесен и напролет- велат од Градот.

Сите заинтересирани граѓани за да учествуваат во проектот „Дрво за секое дете“ можат да се јават на телефоните 02 3297-255 или 071/395-395 – информираат градските власти.

Од Градот додаваат дека овој проект се реализира фазно и досега се засадени и поставени плочки на поголем број на локации, како што се на кејот на реката Вардар, зад Воениот стадион во Градскиот парк.

(А.П.)