Ќе се заловуваат кучињата скитници и ќе се носат во прифатилиште

49

Македонска Каменица и Демир Хисар на хуман начин ќе се справуваат со големиот број бездомни животни. Во Македонска Каменица заврши зимската акција за заловување на кучињата скитници што се спроведе на неколку локации во градското подрачје, како и во неколку населени места.

– Кучињата скитници кои беа затекнати, како во градот, така и во дел од населените места, беа успешно заловени од страна на ветеринарната служба од Куманово. Тие во понатамошниот третман ќе бидат сместени во стандардизирано прифатилиште, а ќе следува и третирање со вакцинација и кастрација. Ги замолуваме граѓаните да го пријавуваат присуството на кучиња скитници, за истите да бидат навремено третирани и со тоа да се одбегнат несакани последици по нивното здравје и безбедност – велат од Македонска Каменица од каде најавија дека следната ваква редовна акција е планирана за напролет.

 

Општина Демир Хисар, пак, утврди програма за контрола на бездомни кучиња со која се прецизираат активностите за третирање на бездомните кучиња скитници. Од локалната самоуправа посочуваат дека за решавање на проблемот поврзан со зголеменото присуство на бездомни кучиња, за контрола на нивниот број, единствено решение е хуманиот начин на третирање на овие животни.

– Хуманиот третман подразбира згрижување и заштита на животните, но и заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните во општината. Активностите за хумано третирање на бездомните кучиња скитници ќе опфатат заловување на кучињата, транспорт до прифатилиште, прием и преглед од доктор по ветеринарна медицина, лабораториско испитување на заразни болести согласно прописите од областа на ветеринарното законодавство, вклучувајќи испитување од болеста лајшманиоза, ветеринарно медицински третман на кучињата, постоперативно сместување и нега, вакцинација и дехелментација, обележување со микрочип, враќање на заловените кучиња на реонот на нивно заловување или вдомување на кучињата, еутаназија на кучињата согласно прописите од областа на ветеринарното здравство и едукација и подигнување на јавната свест кај населението – информираат од општината.

Според програмата, за која е обезбедена и финансиска поддршка, интензитетот на заловување и капацитетот на сместување во прифатилиште да ги исполнува условите за сместување на 10 бездомни кучиња месечно.

Општина Демир Хисар во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство одржа едукативен настан за учениците од СОУ „Крсте Петков Мисирков“ со цел да ги запознае за потребата од секојдневна грижа за кучињата, како да се зголеми одговорноста кон контролата на популацијата на бездомни кучиња на глобално ниво, заштита на здравјето на луѓето од болести и заштита на животната средина од загадување со отпад од животинско потекло.