Ќе се донира храна на 29 локации за „Нахрани 10.000“ гладни

196

Традиционалната акција на „Сите сити“ – Нахрани 10.000 ќе се реализира и годинава в сабота по повод Денот за борбата против гладта. Оваа хуманитарна акција, која е осма по ред, ќе се случува во периодот од 10 до 18 часот истовремено во девет градови во Македонија: Скопје, Битола, Виница, Струмица, Неготино, Охрид, Струга, Прилеп и Берово.

Ќе бидат поставени штандови пред поголемите маркети, но и пред помали локални маркети во градови каде граѓаните ќе можат да донираат храна која не е лесно расиплива како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Организаторите на мрежата „Сите сити“ која е составена од голем број на граѓански организации од целата држава по иницијатива на „Ајде Македонија“, велат дека станува збор за национална акција за донирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозените граѓани.

– Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна до нашите сограѓани која ќе заврши во рацете на 10.000 социјално загрозени граѓани – велат од „Сите сити“ и додаваат дека се опфатени различни категории на граѓани, од бездомници, жени жртви на семејно насилство, па сè до гладни деца кои одат на училиште. 

Членките на „Сите сити“ водат евиденција на различни категории на социјално загрозени граѓани, кои имаат потреба од оваа храна. Храната ќе се пренесува во вид на неделни/месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе ја подигнуваат, дел ќе се носи до нивните домови. Податоците со кои располагаат за тоа кои семејства се социјално загрозени се добиени директно од Државниот завод за статистика, од Министерството за труд и социјална политика, но и од увидот на терен од страна на хуманитарните организации од кои ја сочинуваат „Сите сити“.

Оваа акција се случува бидејќи во Македонија проблем да обезбедат храна имаат околу 450.000 граѓани, бројка која со ковид пандемијата е значително поголема и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна што претставува за околу 26.000 граѓани да имаат по три оброка дневно.

– Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на кои им е потребна, Македонија може да го намали проблемот со гладот и сиромаштијата – сметаат од „Сите сити“.

Во претходната акција „Нахрани 10.000“, која се одржа на 21 мај годинава, беа собрани околу 7 тони храна, но годинава во акцијата се вклучени девет градови и опфатени се 29 локации и се очекува да бидат собрани поголеми количини. Во мај годинава беа опфатени шест градови, а акцијата се одвиваше на 20 локации.

(А.П.)