Извршниот директор на Мерцедес, Тото Волф, изјави дека се уште преговара за нов договор со седумкратниот светски шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон.

Тој верува дека ќе се постигне договор пред почетокот на претсезонското тестирање кое е закажано за во март.

Двегодишниот договор на Хамилтон истече на крајот на декември и тој засега е без ангажман, два месеци пред почетокот на новата сезона. Како што објави „Скај“, преговорите помеѓу Волф и Хамилтон се во тек.

  • Секако, не им олеснуваме на адвокатите кога двајцата се расправаме преку Зума и им испраќаме „погрешни топки“. Тој сега е во САД, а јас сум тука. Ќе постигнеме договор во одреден момент, истакна Волф за австриската телевизиска станица „ОРФ“ за време на викендот во Кицбил.

Се претпоставува дека со употреба на терминот „погрешна топка“, Волф мислеше на нови предмети што произлегоа од преговорите, наместо на неочекувани пречки.

Хамилтон и Мерцедес имаат многу успех откако Британецот се приклучи на тимот во 2013 година. Двете страни постојано изјавуваат дека се опуштени во врска со преговорите и веруваат дека ќе биде потпишан нов договор.

Возачот на Вилијамс, Џорџ Расел го замени Хамилтон на трката за Големата награда на Сакир на крајот на минатата сезона, бидејќи седумкратниот светски шампион имаше коронавирус. Расел добро се снајде, па многумина шпекулираат дека Мерцедес би можел да го ангажира доколку не се постигне договор со Хамилтон.

Од друга страна Волф истакна дека добриот настап на младиот Расел нема да биде корисен во преговорите со Хамилтон.

  • Имаме навистина силна врска. Забележавме големи успеси заедно и сакаме да го продолжиме тоа. Но, понекогаш треба детално да зборувате за работите, а за тоа е потребно време, додаде Тото.

Минатата сезона Хамилтон ја освои седмата титула шампион во Формула 1 и се изедначи со Михаел Шумахер, а воедно стана рекордер со најмногу победи – 95, четири повеќе од легендарниот Германец.

Мерцедес ја освои седмата последователна титула во шампионатот на конструктори.

Предсезонското тестирање ќе се одржи од 12 до 14 март во Бахреин, каде што на 28 март ќе се одржи првата трка во шампионатот.