Ќе се гради сервисна улица кај Милци

77

Изградбата на сервисната улица во туристичко-угостителскиот комплекс Милци е од приоритетно значење, бидејќи со тоа се заокружува целосна сообраќајната инфраструктура во непосредна близина на граничниот премин Богородица. Поради интересот на инвеститорите за реализација на своите проекти во овој дел, приоритет на почетокот од годината ќе биде даден на заокружувањето на сообраќајната инфраструктура во Милци.

Ова беше нагласено на состанокот на градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, во Секторот за урбанизам и комунално уредување на Општина Гевгелија. Притоа, се дефинирани активностите на почетокот од годината за подобрување на комуналната и патната инфраструктура во општина Гевгелија.

Имено, во тек е изградбата на патот до времената депонија, кој треба да биде завршен до почетокот на март, а по повторниот јавен повик наскоро треба да започне и реконструкцијата на мостот кај Моин.

Ревитализацијата на патот Богородица-Стојаково-крстосница со регионалниот пат Гевгелија-Богданци, во првата фаза, веќе е во тек, а по завршувањето на тендерот ќе отпочне и ревитализацијата на втората фаза од овој регионален пат. Покрената е иницијатива за отворање на нов влез во Гевгелија од автопатната делница кај Мрзенци, бидејќи по изградбата на наплатната станица кај Смоквица се создадени услови за реализација.

Градоначалникот Поцков како приоритетен го посочи и продолжувањето на Западниот булевар со изградба на заобиколен пат околу Гевгелија, односно поврзување на Западниот булевар со Моински пат кај Динќут.

Што се однесува до комуналната инфраструктура во моментот во фаза на реализација се три проекти – атмосферска канализација на улица „Индустриска“ и водоводна и канализациона мрежа во населбата Караорман. Наскоро започнува и изградбата на фекален колектор со пречистителна станица во Моин, а во подготовка се и проектите кои ќе се реализираат од грантот на KFW банката.