Ќе се гради нова градинка во Миладиновци

118

Во скопско Миладиновци ќе се гради детска градинка. Локалната самоуправа распиша оглас за избор на фирма – изведувач на градежните активности што се планира да завршат во текот на наредната година.

Градинката што ќе се гради во соработка со Министерството за труд и социјална политика ќе биде со капацитет за згрижување од 90 деца.

Новиот објект ќе биде на површина од 520 квадратни метри и ќе располага со четири занимални од кои една е за 15 деца, на возраст од 9 до 24 месеци и три се со вкупен капацитет за 75 деца на возраст од 2  до 6 години.

Новата градинка ќе ги опфаќа дечињата од шесте населени места во општина Илинден (Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци,Текија и Дељадровци) каде вкупно живеат приближно 4.000 жители.

– Со изградбата на овој објект ќе се отворат нови капацитети за згрижување на деца, ќе се намалат трошоците за транспорт на родителите од шесте населени места бидејќи сега своите деца ги носат во детската градинка „Гоце Делчев“, во населеното место Марино која е оддалечена повеќе од 10 километри. Ќе се заштедат средства и време и ќе се зголеми бројот на деца опфатени со воспитно згрижувачкиот процес – потенцираат од општина Илинден. 

Со згрижување на дечињата од шесте населени места во новиот објект, ќе се ослободи простор во веќе посточката детска градина „Гоце Делчев“ во Марино, кој ќе биде искористен за згрижување на деца од најмалата возраст (од 9 до 24 месеци) и воведување на јасли во оваа градинка која во моментов згрижува само дечиња од 2 до 6 години.