Ќе се градат згради, амбасади, објекти за потребите на МО и на МОН

1866

Станува збор за 11 парцели, со површина од 1.502 до 14.463 квадратни метри во делот кај касарната „Илинден“, опфатени со ДУП-от за градскиот кварт ССИ 03, блок што е донесен во 2018 година, а кој е се со намена А2 – „мали“ зградички од П+5+ПК,  плус зеленило и паркови на површина од 11.762 квадрати. Советниците од Независни за Карпош – За заштита на Карпош велат дека се против отуѓување на земјиштето, бидејќи не сакаат непланско градење и узурпирање на секоја слободна површина за нечиј профит 

 

Ќе се продаваат 11 парцели на територијата на Општината Карпош, кои се државно земјиште, во делот кај касарната „Илинден“, опфатени со ДУП-от за градскиот кварт ССИ 03, блок што е донесен во 2018 година.

Со 18 гласа „за“, советниците на последната седница на Советот на Општина Карпош ја аминуваа програмата за активностите на Општина Карпош во областа на располагање со градежно земјиште во државна сопственост на подрачјето на Општина Карпош за 2023 година.

Од Општина Карпош велат дека локалната самоуправа ќе ја спроведува постапката за отуѓување и потенцираат дека на парцелите е предвидено да се градат згради во висина од пет ката.

– Деталниот урбанистички план е донесен во 2018 година со 22 гласа „за“ во Советот на Општина Карпош. Според него, на овој дел се предвидени и објекти за државни институции, потоа амбасади, како и објекти за потребите на Министерството за одбрана и на Министерството за образование и наука. Планот, исто така, предвидува и зеленило и паркови на површина од 11.762 квадратни метри – кусо одговорија од локалната самоуправа.

Оттаму не прецизираа кога ќе започне постапката за отуѓување.

Советниците од Независни за Карпош – За заштита на Карпош велат дека се против отуѓување на земјиштето, бидејќи се против непланско градење и узурпирање на секоја слободна површина за, како што потенцираат, нечиј профит.

– Всушност, се работи за парцели со намена А2 – „мали“ зградички од П+5+ПК за кои ќе се отуѓуваат 11 градежни парцели со површина од 1.502 до 14.463 квадратни метри – истакнуваат советниците од Независни за Карпош – За заштита на Карпош.

Оттаму додаваат дека биле обвинувани за притисок и врски со кои ги добивале претставките пред Уставниот суд, за учество во заговори со инвеститорите за делење добивки и ред други теории на заговори, и дека одат и против граѓаните што не гласале, со тоа што имале деструктивна улога да не се градело.

– Сепак, ние јасно кажавме за што ќе се залагаме и опстојуваме да ги штитиме интересите на тие што не гласале, а тоа е НЕ за непланско градење и узурпирање на секоја слободна преостаната површина за нечии профити – истакнуваат од Независни за Карпош – За заштита на Карпош.

Тие потенцираат дека не се против да се шири Карпош во тој дел, но не се за отуѓување градежно земјиште или ако веќе се отуѓува, со услови за многу повеќе зелени и јавни површини, а не сè што е општествено – да се продаде.

 (А.П.)