Ќе се враќа персоналецот на земјоделците со приходи до еден милион денари

Министерството за земјоделство оваа недела ќе изврши проверка на списоците добиени од УЈП и веднаш потоа ќе почне со враќање на персоналниот данок кон земјоделците кои не оствариле промет над еден милион денари

202

На земјоделците, кои оствариле приход под еден милион денари и на кои земјоделството им е единствена дејност, ќе им се враќаат пари од персоналниот данок. Пред да ги добијат овие пари, Министерството за земјоделство ќе треба да провери дали овие земјоделци се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и дали ова им е единствен приход.

-Во подготовка е реализацијата на одлуката, која е во корист на земјоделците со цел олеснување на нивните услови за работа, односно задржаниот данок на доход за средствата остварени од земјоделска дејност што не надминуваат еден милион денари ќе им биде вратен на земјоделците. Овој проект е во соработка со министерствата за финансии и за земјоделство, а со посредство на Владата, изјави директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Министерството за земјоделство оваа недела ќе изврши проверка на списоците добиени од УЈП и веднаш потоа ќе почне со враќање на персоналниот данок кон земјоделците кои не оствариле промет над еден милион денари, соопшти ресорниот министер Трајан Димковски.

Како што рече тој пред да почне враќањето на средствата, јавноста ќе биде информирана.

-Ја добивме листата од УЈП во која се евидентирани сите земјоделци кои оствариле приходи единствено од земјоделска дејност. Неделава ќе провериме дали овие земјоделци се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Откако тоа ќе се потврди од наша страна, ќе се премине веднаш кон враќање на персоналниот данок. Очекуваме оваа недела да ги завршиме сите контроли зашто се работи електронски и првиот ден кога ќе бидеме сигурни, јавно ќе објавиме кога ќе биде враќањето на парите, рече Димковски.

Услов за враќање на пари од персонален данок на доход е земјоделците да немаат остварено други приходи во текот на годината и да немаат даночен долг кон Управата за јавни приходи.

Повратот на платениот данок ќе го врши Управата за јавни приходи по истекот на годината во која е остварен приходот, односно откако ќе завршат постапките за утврдување на годишните приходи и данокот за таа година.

Земјоделците пак чии вкупен доход од продажба на сопствени земјоделски производи во годината го надминува износот од 1.000.000 денари, должни се најдоцна до 15 јануари наредната година да се регистрираат за вршење на дејност согласно со закон. (А.С.)