Ќе се воведува ред во поставување на рекламни паноа низ градот

78

Гостиварската локална власт планира да воведе ред во поставувањето рекламни паноа низ градот со утврдување на правилата за нивно поставување и нивната бројка. Доколку предлог програмата биде прифатена, во иднина во две зони ќе има локации за 180 билборди.

Програмата која се предлага и ќе се најде наредната седница на Советот на Општина Гостивар, ги определува зоните и прецизно ги дефинира локациите за поставување на рекламните паноа на јавни површини за чие одржување е надлежна Општината.

-Првата зона го опфаќа таканаречениот „мал ринг“ во границите на булеварите: „Гоце Делчев“, „Браќа Ѓиноски“, како и улиците: „Беличица“ , „М.Ч. Филипоски“ и „Кеј Братство и Единство“.

Втората зона е во таканаречениот „голем ринг“ во кој се опфатени улиците: „Седек Костоски“, „Кеј Вардар“, „ЈНА“, „Сретко Крстески“ и „101“. Во овие две зони предвидени се 180 локации за рекламни паноа на јавните површини, односно 120 во првата и 60 локации во втората зона”, информираат од Општина Гостивар.

Според предложената програма, на овие локации треба да се поставуваат три типа на рекламните паноа: билборд (мегалајт), осветлена рекламна витрина (ситилајт) и ЛЦД панел.

Добивањето на локациите според предложената програма ќе се одвива со отворање на постапка за добивање на локации за поставување на рекламни паноа. Користењето на рекламните паноа треба да биде според утврдени правила и ќе се доделуваат во четири пакети по пат на јавен оглас за прибирање на писмени понуди, а за најповолна ќе се смета понудата со највисок износ на еднократниот надомест.