Ќе се бришат долгови за струја и на граѓани и на фирми за периодот пред поделбата на поранешно ЕСМ

305

Владата во моментов не размислува за барањето на невладини организации со измени на Законот за облигациони односи да се предвиди рок за застарување на сметките за комуналии, вели вицепремиерот Анѓушев

Кога ќе почне отписот на старите долгови за струја што минатата недела го најави премиерот Зоран Заев и кого ќе опфати, се уште не се знае, вели вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев. По најавата што ја даде премиерот, тој вели дека сега течат разговори на таа тема, па деталите ќе се соопштат кога ќе завршат, а јавен ќе биде и списокот на оние на кои ќе им се отпишат долговите.

Според Заев, се работи за долгови на 200 илјади семејства и граќани во вкупна вредност од 110 милиони евра, направени до 2006 година.

– Станува збор за долгови кои се генерирани многу години наназад. Со поделувањето на поранешното Електростопанство на Република Македонија настанаа одредени побарувања кои требаше да бидат поделени помеѓу ЕЛЕМ, кој остана државна компанија и приватната ЕВН. Во таа смисла договорот меѓу компаниите беше дека ако тие средства се наплатат, ќе бидат поделени. Меѓутоа, по многу години тие средства не се наплатени и направија голгота кај многу граѓани, а во најголем дел тешко можат да се наплатат и само им прават товар на граѓаните во бескрајни судски и извршителски постапки. Станува збор само во тој дел, а не дека државата ќе одвојува средства од буџетот за да плаќа. Напротив, преговараме со комапниите тие да бидат отпишани во нивните книги и да ја скратиме маката на овие граѓани. Премиерот ова го најави како активност, во моментот течат разговори на таа тема, кога ќе биде готово, јасно и прецизно ќе кажеме како тоа ќе се случи, појасни Анѓушев.

Тој вели дека отписот ќе се однесува на 200 илјади граѓани, но и на некои правни субјекти кои престанале да постојат. .

– Ќе бидете информирани за комплетниот список, кој ќе биде транспарентно објавен. Но, тоа нема да биде помош за компании, туку кон граѓани на Република Македонија кои имаат една бесконечна голгота по судските и извршителските лавиринти, вели Анѓушев.

Според него, Владата не размислува да го измени Законот за облигациони односи за да предвиди застареност на сметките за комуналии, како што бараат некои невладини организации.

– Во моментов немаме дискусија на таа тема, можеме да го разгледаме, меѓитоа, не можам да кажам дека во моментов го разгледуваме тоа прашање, рече Анѓушев.

Тој е категоричен дека државата нема да обесштетува компании, туку граѓани и при најавеното враќање на долговите на винариите.

– Ако станува збор за компании кои повеќе не можат да функционираат, односно ќе одат во ликвидација или во стечај и македонските земјоделци ќе останат оштетени, а не можат да бидат обесштетени во рамките на стечајна постапка, во тој случај нема друг начин, освен државата да им помогне на земјоделските производители преку програмата за директно субвенционирање, појасни Анѓушев.

Ако не се напрви тоа, вели тој, лозарите од тиквешкиот регион кои останале оштетени не ќе можат да ги продолжат деловните активности, односно да насадат нови површини и да ги одржуваат постоечките.

– Во тој случај одговорна влада и одговорна држава нема што да прави освен да дејствува на начин на кој ќе ги обесштети луѓето, не фирмите. Ние не обесштетуваме фирми, туку граќани за да можат да ја продолжат својата дејност за егзистенција. Треба да престанат сите дискусии дека обесштетуваме компании, тоа не е точно, истакна Анѓушев.

Минатата недела од трибина во Охрид Заев најави дека има прогрес во преговори со ЕВН и ЕЛЕМ за бришење долгови за струја на правени до 2006 година во вредност од 110 милиони евра на 200.000 граѓани и семејства.

(С.В.)