Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ ја фрли ракавицата, повикувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ да седнат на маса и да разговараат на тема внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија да не троши енергија за дискусија, која нема да го промени нивниот став. Порачаа дека единствената тема за која може да разговараат се предвремени парламентарни избори. На површина излегува дека власта нема мнозинство за уставни измени, наспроти кампањата што ја тераше цела година дека се на прагот. Од владајечкиот СДСМ со став дека има окрупнување на парламентарното мнозинство. ДУИ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за блокада

 

Седум месеци по отворањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, во Македонија нема консензус дали и кога ќе бидат вметнати Бугарите во македонскиот Устав. Владата повикува на суштинска дебата, опозицијата и понатаму бара предвремени парламентарни избори.

Време е за уставните измени да се разговара со ВМРО-ДПМНЕ, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Во интервју за Македонското радио, објаснува дека треба да се гледа на измените како на можност за зајакнување на македонскиот идентитет, бидејќи со додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот, се правела јасна дистинкција помеѓу Македонците како мнозински народ.

– Мислам дека е време и со ВМРО -ДПМНЕ да разговараме дали јавно или надвор од очите на јавноста, сеедно, секако треба да почне разговорот. На темата на суштинска содржинска расправа околу уставните измени, зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам, на Македонците, ни е проблем, како може да нè загрози тоа… Ние, можеби, ќе имаме, во текот на преговорите, и потешки прашања, сигурен сум – кажа Маричиќ.

Тој уверува дека Бугарите би биле вметнати во два дела во Уставот: преамбулата и каде што се споменува Комитетот за односи меѓу заедниците.

Во контекст на евроинтеграциите, вицепремиерот смета дека тековната реконструкција на владиниот кабиент, поточно влезот на Алијанса во власта, ќе го зајакне мнозинството и со тоа полесно ќе се носат потребните европски реформи.

Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија да не троши енергија за дискусија, која нема да го промени нивниот став. Порачаа дека единствената тема за која може да разговараат се предвремени парламентарни избори.

– Маричиќ нема мандат, ниту овластување од граѓаните да разговара за нешто што не е одобрено од граѓаните. Наместо да троши енергија за тоа, Маричиќ нека започне да се занимава со решавање на проблеми, како и со акутната неспособност на власта. – изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

На површина излегува дека власта нема мнозинство за уставни измени, наспроти кампањата што ја тераше цела година дека се на прагот. Од владајечкиот СДСМ со став дека има окрупнување на парламентарното мнозинство.

– Имаме окрупнување на парламентарното мнозинство, клучната поента на сето ова значи дека има поголем број сили во рамки на Собранието, во рамки на парламентарните политички партии кои ја поддржуваат европската агенда – рече во телевизиско гостување заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска.

– Наша заложба, пред сè како СДСМ, заедно со сите коалициски партнери и сега со новиот партнер, Алијанса, е европскиот пат. Верувам дека има и одредени сили во ВМРО-ДПМНЕ кои ќе застанат заедно со нас на овој европски пат. Секогаш кога се носат крупни одлуки, наидуваме на одредени пречки на патот, но затоа ние, како политичка партија, сме навикнати – вели Лукаревска.

Вчера се огласи и ДУИ, коалицискиот партнер на СДСМ во власта, од каде што порачаа дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се синоним на блокада.

– Ги блокира Собранието, општините, Владата, сите проекти, и цела држава. Тоа е вистинската корупција. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се синоним за заложништво. Нема поголема корупција од заложништвото на ВМРО-ДПМНЕ на своите граѓани и нивната европска иднина – велат од ДУИ. (В.М.Б.)