Ќе пресуши ли изворчето? – Николовски го укинува но-лимитот на картичките на функционерите  

158

Вицепремиерот задолжен за борба со корупцијата Љупчо Николовски најави анализа и систематизација за трошењето државни пари на функционерите.

-Во овој момент финансиските средства на службените картички на функционерите не се регулирани. На овие картички има онолку пари колку што ќе побара министерот и никој не го контролира нивното трошење. Ова мора да се реши системски и да се стави ред. Пари на овие картички мора да има само за она што е неопходно и што е во интерес на граѓаните. Во Македонија има илјадници јавни претпријатија кои немаат никаква функција, а директорите на овие институции земаат поголеми плати од премиерот и претседателот на државата. И нив никој не ги контролира. Сето ова мора да се реши, потенцираше вицепремиерот Николовски.

Неговата нова функција во Владата вели дека ќе биде координација на сите институции чија примарна задача е борбата со корупцијата. Посочи дека е потребно и укинување на одредени државни установи и институции кои се нефункционални

-Сите кои ќе конкурираат за директори на јавни и државни претпријатија, како и за функции што ги именува Владата, во иднина ќе мора да поднесат план и програма за работа за да влезат во комбинација за избор на функцијата, посочи новиот вицепремиер за спречување корупција, за одржлив развој и за човечки ресурси. Тој рече дека овој принцип ќе важи од овој момент, односно од сите следни именувања на функции, со оглед на тоа што престои комплетирање на третиот ешалон на извршната власт.

Николовски, кој е претседател на кадровската комисија во Владата, рече дека тоа важи и за функционерите на СДСМ, но и за тие на ДУИ, посочувајќи дека двете партии, сепак, се партнери во иста влада.

Николовски ги повтори намерите за кратење на функционерските бенефиции, но и на дискрециските права на министрите и другите функционери. Посочи дека е потребно и укинување на одредени државни установи и институции кои се нефункционални.