Ќе правите журка? Е нема струја!

127

Властите на Лос Анџелес ќе започнат со исклучување на снабдувањето со струја и со вода во домовите каде за време на пандемија се одржуваат забави во кои учествуваат голем број луѓе, изјави денеска градоначалникот на градот, Ерик Гарсети.

Гарсети истакна дека наредба од ваков тип е веќе одобрена во одделот за водни ресурси и енергетика на градот и додаде дека мерката ќе важи од 7 август, со оглед на зголемениот број случаи на инфекции од коронавирус.

– Гледаме извештаи за масовни забави и собирања кои ги нарушуват издадените укази за време на пандемијата. Овие активности станаа своевидни ноќни клубови – кажа градоначалникот за да ги објасни акциите на градот.

Во изминатите 24 часа во Лос Анџелес се регистрирани повеќе од 2.300 новопотврдени случаи на ковид-19, со што вкупната бројка на ниво на градот сега е над 197.000 заразени.

Извор: МИА