Ќе почне исцртувањето на мостот и тунелите под Кале

282

Проектот за тунелите под Кале заедно ќе го исцртаат една од најпознатите турски компании за архитектура и проектирање „Мега инженеринг консалтинг“ од Анкара и Групата на понудувачи – Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии – Скопје. Денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го потпиша договорот со претседателот на одборот на директори на турската компанија, Ајкут Јилдирим и претставникот од Групата на понудувачи, архитект Борис Танески.

Нивна задача е до крајот на годинава на Град Скопје да му го предадат основниот проект и инфраструктурниот проект за измена и дополнување на инфраструктура за сообраќајно решение кое со мост во центарот на градот, тунели под скопското Кале и кружен тек ќе ги поврзува булевар „Свети Климент Охридски“ со булеварите „Никола Карев“ и „Македонско-косовска бригада“.

– Има голема симболика во тоа што денеска го потпишувам овој договор, токму на мојот 50-ти роденден да почне реализацијата на овој проект, кој од 1965 година никој од скопските градоначалници не почнал да го реализира. Со ова сообраќајно решение на граѓаните на Скопје ќе им биде овозможено од Водњанска до Чаир со автомобил да стигнат за помалку од 5 минути. Со постојната сообраќајна инфраструктура за оваа релација мораат да потрошат во најдобар случај помеѓу 15 и 20 минути движејќи се преку раскрсницата кај „Мавровка“ и Бит-пазар, каде што според нашите податоци дневно поминуваат меѓу 70.000 и 80.000 возила – кажа Шилегов.

Шилегов додаде дека очекува за реализацијата на овој проект Градот Скопје да добие и финансиска поддршка од централната власт со цел изградбата на мостот, тунелите и кружниот тек да завршат во најкраток можен рок.

Архитектот Танески нагласи дека досега градските власти повеќе предност им давале на градењето на згради.

– За 40 проценти има застој на градењето во нискоградбата во однос на високоградбата. Ова раководство го прави спротивното, акцентот во Град Скопје го става на нови сообраќајни решенија, како што впрочем е и овој проект кој ќе го растовари сообраќајот низ градот – нагласи Танески.   

Со инфраструктурниот проект се опфатени трите фази за изведба на сообраќајницата во фази, и тоа:

– I фаза – изградба на булевар „Свети Климент Охридски“ од пред раскрсницата со булеварот „Илинден“ со изградба на мост и вијадукт до тунелот. Мостот ќе биде изведен со специфична конструкција и осветлен со цел да стане препознатлив за македонската метропола.

–  II фаза – изградба на тунелот под Кале;

– III фаза – булевар „Свети Климент Охридски“ и раскрсница со булевар „Никола Карев“ и булевар „Македонс-кокосовска бригада“, со денивелиран кружен тек.

– Согласно со договорот, изработката на проектите очекуваме да завршат до крајот на оваа година, со што се создаваат услови во текот на следната година, по завршувањето на постапка за избор на понудувач, да почне и реализацијата на овој клучен сообраќаен проект вреден околу 30 милиони евра. Изградбата се очекува да трае од 1,2 до 2 години, односно целиот проект да биде готов до крајот на 2021 година – рече Шилегов.

Инаку, на терен Град Скопје веќе ги прави подготовките за старт на овој проект. Се изведуваат неколку булевари кои ќе се поврзат кај нов кружен тек на „Пластичарска улица“ за што ќе биде потребно да се изврши експропријација на повеќе од десетина објекти.

(С.Бл.)