Ќе поскапат брашното, лебот, јајцата, маслото, млекото, месото, месните и млечните производи

Цената на пченицата на светските берзи се зголеми за 20 до 25 отсто, што предизвика зголемување на цените на брашното во светот и кај нас. Освен цената на пченицата големо влијание во индустријата за преработка на брашно има и цената на индустриската струја која на отворениот пазар во последните два месеца се зголеми за 100 отсто. Тоа предизвика зголемување на цената на брашното за 10 отсто, а до крајот на месецов се очекува и ново зголемување од 10 до 20 отсто, вели за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија

3861

Зголемувањето на цените на суровините на светските берзи ќе предизвика пораст на цените на голем дел од основните прехранбени производи. Цената на брашното веќе е зголемена за 10 отсто, а се очекува во наредниот период да се зголеми за дополнителни 10 до 20 отсто.

Тоа ќе предизвика зголемување на производите од пекарската индустрија, односно на цените на лебот, белите печива…. Освен брашното и лебот поради зголемување на цените на добиточната храна ќе се зголемуваат и цените на јајцата, месото, млекото, месните и млечните производи и маслото за јадење. Цените на суровините на светските берзи последнава година се зголемени за 40 до 50 отсто што не се случило во изминатите 20 години.

Освен моменталниот пораст на цените, познавачите коментираат дека се очекува нов ценовен шок наесен. Цените на брашното се очекува да се зголемат за дополнителни 10 до 20 проценти до крајот на месецот.

-Цената на пченицата на светските берзи се зголеми за 20 до 25 отсто, што предизвика зголемување на цените на брашното во светот и кај нас. Освен цената на пченицата големо влијание во индустријата за преработка на брашно има и цената на индустриската струја која на отворениот пазар во последните два месеца се зголеми за 100 отсто. Тоа предизвика зголемување на цената на брашното за 10 отсто, а до крајот на месецов се очекува и ново зголемување од 10 до 20 отсто, вели за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Тој додава дека во наредниот период ќе има зголемување и на цената на лебот, белите печива и на другите производи од пекарската индустрија поради зголемената цена на основната суровина, индустриската струја, како и на материјалите за пакување.

-Ова сега што се случува не се случило во последните 20 години. Цените на суровините на светските берзи во 2021 во однос на 2020 година се зголемени за 40 до 50 отсто. Сето ова повлече зголемување на сите млечни и месни производи и намалување на добиточниот фонд во Европа бидејќи сточарите веќе не можат да го издржат ова темпо на зголемување на цените на добиточната храна. Пченицат, пченката, јачменот се зголемени за 100 евра по тон, а се очекува уште поголем раст на цените на есен. Така сега сите што произведувале суровини повеќе им се исплати да ги продаваат тие суровини отколку да одгледуваат стока и да ја користат како добиточна храна, вели за ВЕЧЕР, Перо Колевски, сопственикот и директор на компанијата „Агриа“.

Тој, од друга страна, вели дека во наредниот период се очекува намалување на потрошувачката бидејќи стандардот на граѓаните се намалува, а се намалува и побарувачката од угостителската индустрија каде поради ограничувањата е регистриран пад на побарувачката за месо и месни производи од 50 отсто.
Според Колевски во наредниот период нè очекува уште поголемо зголемување на цените на млекото, месото, јајцата млечните, месните производи и сè што е од животинско потекло.

Тоа секако ќе предизвика и пропаѓање на некоја од компаниите кои нема да можат да го издржат ударот од поскапувањето на суровините.

Од крајот на минатата година, цените на маслото се зголемија за околу 50 проценти, брашното за 30 до 40 проценти и добиточната храна за околу 50 проценти. Освен цените на брашното, лебот, јајцата, млекото, месото, млечните и месните производи се очекува зголемување и на цената на маслото за јадење, а новите цени ќе бидат познати за околу еден месец кога ќе заврши жетвата на сончогледот кој има значително помал принос.

(А.С.)