Ќе положат ли историчарите седмо одделение?

Со овие дводневни разговори се очекува да се заврши веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Македонија. Комисијата досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев. Дводневните дискусии вчера започнаа со добри очекувања од страна на бугарските историчари, како и  со охрабрување за нивната работа од страна на политичарите

172

Со добри очекувања и охрабрување за нивната работа од страна на политичарите, денеска, во Скопје започна десеттата средба на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања. Историчарите од двете земји, неполн месец до затворањето на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, повторно, по една година пауза, седнаа на маса да ги испеглаат разликите за историографските спорови, кои претставуваат пречка во градењето на добрите односи помеѓу двата народа и двете држави, како и за прашањата кои изминатиот период се пречка во работата на ова тело, кое произлезе од Договорот за добрососедство. Со овие дводневни разговори се очекува да се заврши веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Македонија. Комисијата досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев. Досега, Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности – светите Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил.

Шефот на бугарскиот тим од Мешовитата комисија за историски прашања, Ангел Димитров, пред средбата со македонските историчари во Скопје, изјави дека очекува да биде постигнат некаков резултат за отворените прашања.

 -Почнува нешто со добри очекувања, а како ќе биде понатаму ќе видиме. По повеќе од една година се надеваме дека ќе има некаков резултат, изјави Димитров за ТВ 24, по пристигнувањето во Скопје.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, пак, на прес-конференција истакна дека е очигледно дека се чувствува тензија и недоразбирање помеѓу двете земји, но смета дека тоа е поради намалената комуникација поради изборите и пандемијата. Османи рече дека од бугарската страна има чувство дека Договорот за добрососедство не е доволно имплементиран, но тој се повикува на одржаните девет средби на Мешовитата комисија за 18 месеци, кои вели, не се за потценување и се показател за посветеноста на изнаоѓање компромис. Османи уверува дека кое било решение што ќе се постигне како консензус, само ќе не ослободи од негативната енергија во нашите односи.

– Нема намера да кочиме во процесот на имплементација туку имаме намера да создадеме сериозен амбиент за да ги охрабриме историчарите и научниците да најдат решенија. Мислам дека треба полека да излеземе од чувството на немање самодоверба. Ние сме членка на НАТО со одлука за почеток на преговори и треба апсолутно да имаме самодоверба по однос на сето тоа што сметаме дека ни е вредност и тука нема од што да се плашиме. Но, не треба да дозволиме емоции, дневно-политички агенди, рецидиви од минатото и чувство дека посебноста треба да се гради на антибугарски сентимент, мислам дека тоа штети на процесот, изјави Османи.

Во однос на расправата во бугарскиот Парламент за преименување на 24 мај во ден на бугарската писменост, Османи рече дека тоа не е во согласност со Договорот и со работата на Комисијата. За Свети Кирил и Методиј, рече министерот,  Комисијата има постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заеднички меѓу двете држави и секое поместување од тоа што го работела Комисијата значи дека се минира целиот процес.

– Сметам дека бидејќи е само во прво читање, по оваа комуникација сега и оваа сериозна порака, дека не бегаме од обврските од Договорот, како што не очекуваме и Бугарија да бега од своите обврски од членот 2 за поддржување на евроатлантските перспективи на земјата, и ова ќе се изменаџира, истакна Османи.

Шефот на дипломатијата потенцира дека смета оти постои разбирање од двете страни за важноста на моментот и посочи дека преку интензивирање на комуникацијата и на политичко ниво и на таа во Мешовитата комисија ќе се изнајде начин за придвижување на процесот. Тој истакна дека Комисијата била на пауза поради кризата со коронавирусот, но и изборите кај нас и напомена дека таа досега остварила видливи резултати, имала девет средби од кои произлезе заедничко одбележување на пет историски личности, но и надминување на разликите за две историски епохи, античкиот и средновековниот период, кои во форма на препораки се доставени до министерствата за образование. Нагласи дека други вакви комисии во Европа на пример се сретнуваат еднаш до два пати годишно.

Во врска со тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека на средбата со Захариева му бил предложен нов договор, Османи потенцира дека не постои никаква конспирација во целиот процес и му порача на Мицкоски да му се јави лично, затоа што не е добро да се шпекулира за овие прашања.

-Мицкоски го има мојот број и може да ми се јави, јас сум подготвен да комуницирам со него на дневна основа. Не е добро за овие прашања да се шпекулира на дневна основа. Основната порака за време на мојата посета на Софија беше пренесена од премиерот Бојко Борисов кој рече дека не сака Бугарија да дојде во ситуација да ја блокира Македонија и дека очекува пробив во работата на Мешовитата историска комисија. Основната порака е таа и врз основа на неа се обидуваме да ја интензивираме комуникацијата. Добро е што Комисијата продолжи со работа во Скопје. Ги охрабруваме да најдат заеднички точки на приближување, а ние ќе продолжиме да разговараме на сите политички нивоа ако има одредени недоречености. Јас уште на првата прес конференција кажав за што може да се разговара, а за што не, изјави шефот на македонската дипломатија.

Десеттиот состанок на Комисијата се одржува во затегната атмосфера, откако Софија постави ново условување пред Скопје во однос евроинтеграцискиот процес. Бугарија неодамна до земјите-членки на ЕУ го достави појаснувачки меморандум, во кој меѓу другото се негира македонскиот јазик и македонската нација.

Шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за телевизија Телма рече дека тој нема добиено ништо на писмено ниту пренесена вербална информација дека на средбата во Софија на Османи му е пренесен некаков сет на барања, како информираа медиумите.

Десеттиот состанок на Комисијата се одржува во затегната атмосфера, откако Софија постави ново условување пред Скопје во однос евроинтеграцискиот процес. Бугарија неодамна до земјите-членки на ЕУ го достави појаснувачки меморандум, во кој меѓу другото се негира македонскиот јазик и македонската нација, а тврдите бугарски позиции биле потврдени и на средбата минатата недела во Софија меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Екатерина Захариева.

Македонскиот државен врв во континуитет потенцира дека јазикот и националната припадност, односно идентитетските прашања се нешто што не смее да се оспорува во 21 век, но сепак бугарската страна не попушта пред нејзините тези за потеклото на јазикот во соседната земја, но и за потеклото на нацијата, за која во појаснувачкиот меморандум меѓу другото се вели дека е Титова творба.