Ќе пиеме ликер и вермут со 50 отсто пониска акциза

104

Се намалуваат акцизите за малите производители на алкохол со новиот Закон за акцизи, кој е во собраниска процедура и кој се очекува да биде донесен до 15 јули. Малите дестилерии ќе плаќаат 50 проценти од полната акциза по литар алкохол, а земјоделците –мали производители 8,5 проценти од полната акциза по литар алкохол. Кај големите производители на алкохол, акцизата останува иста.

Од Царинската управа велат дека законот не е наменет за поскапување на акцизните стоки туку со него се врши усогласување на голем дел од областите кои ги регулира тој закон со законодавството на Европската Унија.

Дополнителна поволност која ја предвидува законот е тоа што отсега акцизата за тутунски производи и алкохолни пијалаци ќе се плаќа со пуштање во промет на производот. Досега акцизата се плаќаше однапред, односно со подигање на акцизните марки. Исто така, ќе се намали акцизата за меѓупроизводите, како на пример ликер и вермут, за околу 50 проценти.

Со новиот закон за акцизи се овозможува увоз и пуштање во промет на нови тутунски производи, кои досега граѓаните ги набавуваа од странство.
Поради следење на увозот и извозот на струјата, природниот гас, јаглен, кокс и лигнит, тие стануваат акцизни добра со овој закон, со тоа што акцизата се одредува на нула проценти. Тоа значи дека увезувачите нема да имаат дополнителен трошок, односно нема да плаќаат акциза. Ова е во контекст на усогласување со директивите на ЕУ.

Нова категорија акцизни обврзници ќе бидат и мали производители на вино за комерцијални цели. Тие треба да имаат вкупно годишно производство на вино не поголемо од 100.000 литри за кое не се плаќа акциза. Предлагачот смета дека со воведувањето на малите винарници ќе се овозможи регистрирање производители на вино.

Со примена на законот ќе стапи во сила и решението за малите пиварници каде е пропишано дека акцизата се плаќа со намалување од  20 до 50 отсто од пропишаната полна акциза во зависност од произведените месечни количини, при што вкупното годишно производство не смее да надмине 150.000 литри.

-Со новото решение се предлага да се плаќа полна стапка на акциза, а по истекот на годината да се поднесе барање за враќање на акцизата во зависност од произведената количина на пиво од 50.000 до 150.000 литри, за која ќе се изврши враќање на акцизата во износ од 20 до 50 отсто врз основа на групата во која ќе припаѓа произведената количина на крајот од годината.

(А.С.)