Премиерите на Бугарија и на Македонија, Кирил Петков и Димитар Ковачевски, на утрешната средба во Рим, според непотврдени информации, можно е да објават напредок во разговорите или решение кое би водело кон укинување на ветото. Ова, според информациите кои доаѓаат од Софија, може да предизвика паѓање на бугарската Влада поради настојување на владините коалициски партнери ветото да остане. Нејасно е какво значење би имала оваа одлука во однос на почетокот на македонските преговори со ЕУ, ако се земе предвид изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој неделава во Тирана го повтори предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон дека Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан во јуни може да започнат преговори само за асоцијативни членки во ЕУ.

Прес-службата на бугарската Влада, за тамошните медиуми, викендов потврди дека средбата на двајцата премиери Петков и Ковачевски ќе се одржи по посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“, за време на нивниот престој во Рим и Ватикан по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј. Петков, според информации од бугарските медиуми, сакал да демонстрира единство со македонскиот колега Ковачевски и тоа да послужи како знак за симнување на ветото. Тој претходно негираше дека сам се обврзал да ја крене рампата за преговорите на Македонија со ЕУ, бидејќи за тоа одлука носи Парламентот.

Но, ваквите најави предизвикаа бура од реакции во Бугарија. Бугарската партија Има таков народ(ИТН), која е дел од владината коалиција, се заканува со напуштање на коалицијата доколку премиерот Петков го укине бугарското вето за почеток на македонските преговорите со ЕУ. Тошко Јорданов, претседателот на пратеничката група на ИТН, најави дека партијата оваа недела ќе ја напушти владејачката коалиција, не чекајќи го премиерот Петков да преземе чекори за укинување на ветото. Од партијата на Слави Трифунов велат дека се уверени дека премиерот Петков ќе најави укинување на ветото за Македонија, иако бугарскиот премиер неколку пати изјави дека нема да преземе никакви чекори без одлука на Народното собрание.

Петков го повика претседателот на Бугарија, Румен Радев, да го свика Советот за национална безбедност(СНБ) на кој ќе се разговара за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Македонија, а следната недела за тоа ќе се разговара и меѓу четворицата лидери на владината коалиција.

Што друго, освен промена на веќе наведената позиција на Бугарија за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Македонија, може да биде причина за свикување на нов Совет за национална безбедност (СНБ)?, праша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев по повикот на премиерот Петков да се свика СНБ.

– Каков е „огромниот напредок“ од страна на Скопје во исполнувањето на условите од Рамковниот став на бугарската Влада од 2019 година? Каде е „огромниот напредок“ на Историската комисија? Кои се точно „континуираните и неделни состаноци меѓу петте работни групи“ и кои се реалните резултати? Освен, се разбира, минливиот лет Софија-Скопје“ – истакна Ковачев.

За посетата на Софија на американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид, бугарскиот весник „Капитал“ пишува дека се работи за обид на САД да му помогнат на Скопје како дел од напорите за намалување на руското влијание на Балканот.

И еврокомесарот Вархеји изјави дека во првата половина на јуни пак ќе дојде во Софија за да се обиде да ја смени позицијата на Бугарија против почетокот на разговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Но, наспроти сите овие напори во јуни конечно да започнат преговорите на Македонија и на Албанија за полноправно членство во ЕУ, неделава стигна студен туш од Тирана. Еден месец по состанокот на лидерите на Европската унија, претседателот на Европскиот совет, Мишел, при посетата на Албанија, го повтори предлогот на францускиот претседател Макрон дека Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан во јуни може да започнат преговори само за асоцијативно членство во ЕУ.

„Направивте сè што е можно за да ги надминете предизвиците. Од друга страна, важно е да не се чека конечната одлука. Една идеја е асоцијативното членство… за да се запознаеме подобро еден со друг, да ги разбереме тешкотиите и да се грижиме еден со друг. Да сме конкретни и оперативни“, рече Мишел.

Албанскиот премиер Еди Рама, за разлика од претходно кога беше критички настроен за односот на ЕУ кон проширувањето, овој пат ја поздрави идејата.

„Ако дојде денот да бидеме асоцијативни членки на Европската унија, тоа става крај на сите шпекулации, става крај на сите теории на заговор, става крај на целата параноја, дека ЕУ нè држи далеку и дека не сака да нè внесе таму. Така што мислам дека тоа е фантастична работа“, посочи Еди Рама.

Според најавите во новата „европска геополитичка заедница“, освен земјите од Европскиот економски простор, ќе влезат и сите земји од Западен Балкан, земјите од Источното партнерство (Украина, Молдавија, Грузија, Ерменија и Азербејџан), а, веројатно, и Британија, Швајцарија. Прашање е како на овој нов маневар од Брисел во однос на проширувањето ќе реагираат Црна Гора и Србија, кои веќе ги започнаа преговорите со ЕУ.

(И.С.)