Ќе останеме без леб поради ниските откупни цени на лебното жито!

Земјоделците незадоволни од ниската цена на пченицата годинава ја засадија на помали површини бидејќи, како што велат, не сакаат мелничарите да ги уценуваат и да увезуваат пченица од Србија и Бугарија. Минатата година голем дел од нашата пченица заврши во Грција и Албанија

135

Секоја година имаме недостиг на пченица. Земјоделците наместо да ги зголемуваат површините со лебно жито тие, поради ниската откупна цена, секоја година ги намалуваат. Освен откупната цена, земјоделците никако не можат да се договорат со мелничарите околу цената и квалитетот на домашната пченица. Мелничарите ги уценуваат поради “наводно“ неквалитетната пченица и дополнително им ја спуштаат цената, па земјоделците се принудени пченицата да ја продаваат по ниски цени. Минатата година голем дел од нашата пченица заврши во Грција и Албанија.
Поради овие проблеми голем дел од земјоделците годинава пченицата ја заменија со други култури, како јачмен, ‘рж…, кои, според нив, се поисплатливи.
– Никој веќе не сака да сее пченица, а проблемот е ниската откупна цена. Бараме цена со која ќе се вреднува нашиот труд, ќе ни остане нешто за живот и ќе имаме пари за новата сеидба. Со 12 денари за килограм голем дел од нашите барања ќе беа исполнети, но со просечна цена од околу осум денари, тешко, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.
Тој додава дека сега наместо да произведуваме пченица ќе увезуваме од Србија и Бугарија.
– Ако на Македонија ѝ треба леб, некој треба да каже на кој начин ќе се обезбеди тој леб и каков однос треба да има државата кон лебот. Цената на пченицата може ќе биде и 15-20 денари, но нема да ја има. Тешко дека ќе се посее и покрај тоа што има субвенции, Тантаров.
И претседателот на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК) Огнен Оровчанец вели дека површините под пченица се намалуваат, а производството продолжува да опаѓа иако капацитет за негово зголемување има. Се намалува и интересот за земјоделството воопшто.
– Во Македонија има 73.000 хектари под пченица за разлика од пред 25 до 30 години кога површините достигнуваа 280.000 хектари, вели Оровчанец.
Годинава според последните податоци вкупно се ожнеани 67.833 хектари или 92 отсто од вкупната жетвена површина која изнесува 73.479 хектари. (А.С.)