Ќе нè остави ли дождот без мед годинава?

Во Македонија нема да има толку многу обилни врнежи од дожд како во Хрватска и Босна и Херцеговина, а овој влажен циклон ќе заврши до петок попладне кога се очекува стабилизирање на времето и малку повисоки температури на воздухот

152

Бранот врнежи што ја зафати Македонија е добредојден за земјоделските култури, особено за житата и овошките, а негативно ќе се одрази врз пчеларство, односно врз производството на мед. Според агрометеоролозите, дождовите кои се очекува да наврнат до петок ќе придонесат да се акумулира водата во почвата и да се надополни недостигот од влага во површинскиот слој на почвата.
Како што изјави за „Вечер“ агрометеорологот Ангелко Ангелевски во Македонија нема да има толку многу обилни врнежи од дожд како во Хрватска и Босна и Херцеговина. Овој влажен циклон ќе заврши до петок попладне кога се очекува стабилизирање на времето и малку повисоки температури на воздухот.

Што се однесува до земјоделските култури, Ангелевски вели дека дождот е добредојден за пченицата и за сите сорти на овошки, а крајно неповолно ќе се одрази врз пчеларство, односно врз производството на мед. Сега цветаат багремите, а пчелите треба да собираат мед од нивните цветови кои паѓаат поради дождовите.
-Дождот може да направи проблем и на пролетните култури. Оние култури кои не се никнати да не можат да никнат, а оние кои веќе се никнати поради дождот да имаат бавен раст. Врз тоа ќе влијае и температурата на воздухот која во наредниот период ќе биде околу 20 степени, а пролетните култури бараат повисоки температури, вели тој.
Во Скопје во изминатите два дена откога почна овој влажен циклон наврнаа 12 литри на метар квадратен, што беше доволно за да навлезе водата и во подлабоките слоеви во почвата. Поради тоа, тој смета дека може да се засити почвата и површинскиот слој и во одреден период да дојде до презаситеност. Тоа ќе предизвика проблеми врз извршување на земјоделските работи на отворено, бидејќи поради преголемата влага не ќе може да се влезе во нивите да се врши сеидба и останати земјоделски операции.
Според Ангелевски, позитивна страна со ваквите врнежи е што ќе се надополнат акумулации со вода кои беа празни. Оваа вода од акумулациите понатаму ќе може да се користи за наводнување кога ќе имаме неповолна хидролошка состојба и суша. (А.С.)