Ќе никне ли град во град во Кисела Вода?

364

Зелената партија ДОМ, остро се спротивставува на предложениот ДУП за Расадник со кој се планира изградба на 100 згради за околу 20.000 станари. Зелените сметаат дека предложениот ДУП неколкукратно ја надминува густината на жители предвидена со ГУП-от на Град Скопје.

-Тоа е соодветно на вкупниот број жители на еден помал град, како Делчево или Ресен – велат од ДОМ и сметаат доколку се реализира планот дополнителен проблем би претставувало и обезбедувањето соодветна комунална и сообраќајна инфраструктура за толку голем број жители.

Од партијата предлагаат, имајќи го предвид ургентниот проблем со аерозагадувањето и климатските промени, наместо градежна, зелена експанзија во Расадник.

-Наместо нови згради, да се направи парк во овој дел на градот – велат од ДОМ и бараат од советниците на општина Кисела вода да не гласаат за ДУП-от за Расадник.

Од Општината Кисела Вода информираат дека во согласност со регулациски план од Генерален урбанистички план, површината на опфат е 77,75 хектари, по осовина на улици површината изнесува 82,09 хектари.

-На оваа површина на опфат се планирани 640 градежни парцели. На 131 градежна парцела се планирани објекти со класа на намена А2-домување во станбени згради со просечна висина на надземни нивоа за домување 5. Од овие објекти постојни се 33 објекти со класа на намена А2-домување во станбени згради. Бројот на станови сеуште не може да се утврди бидејки планот е сеуште изложен на јавна анкета и е во форма на предлог урбанистички план-објаснуваат од Општината Кисела Вода.

Тие додаваат дека овој детален урбанистички план е во согласност со ГУП-от на Град Скопје, и по планираната бруто изградена површина, и по густината на жители планирана на овој опфат.

-Значајно е да се каже дека овој план на предходната јавна анкета во 2016 година бил изложен со вкупна планирана бруто површина од 1.200.000 квадратни метри која го надминувала ГУП-от за два пати, додека сегашната планирана бруто површина е во согласност со ГУП-от. Оваа значителна промена се должи на тоа дека на површината на земјиште што е во сопственост на Република Северна Македонија се планирани исклучиво површини за градење со намена за јавна употреба- децидни се од локалната самоуправа.

Според општинските власти во овој опфат се планирани површини за нова детска градинка, ново основно училиште, ново средно училиште, поликлиника, парковски зеленила, пешачка променада со широчина од 20 метри должина по целиот опфат, спортски објекти, црква, две катни гаражи, плоштад, а значајно е да се напомене дека под пешачката улица се планира и јавно паркирање.

-Деталниот урбанистички план за реон Ј14 е во целосна согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за  урбанистичко планирање. Овој урбанистички план се носи како иницијатива на Општина Кисела Вода. Да биде урбанизиран тој дел бараат голем дел од жителите на Општина Кисела Вода, како и сите сопственици на земјиште на тој опфат-потенцираат од Општина Кисела Вода .

(А.П.)