Македонските власти остануваат оптимисти дека земјава ќе направи исчекор на јунско-јулскиот самит на Европската Унија и покрај непредвидливата политичка ситуација во Бугарија по изборите. Откако прво, веднаш по изборите кај источниот сосед, премиерот Зоран Заев излезе со став дека очекува продолжување на разговорите за надминување на разликите со Бугарија по формирањето на новата Влада во Софија, во духот на пријателството, добрососедството и соработката согласно со Договорот за добрососедство од 2017 година, и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во телевизиско интервју испрати слична порака. Османи рече дека европската перспектива е многу поголема и позначајна од одделни политички случувања, расположенија или изборни процеси и затоа е оптимист и покрај непредвидливоста што е создадена во односите со Бугарија дека сепак ќе се најде начин да се повлече напред процесот на нашето пристапување кон Европската Унија. Тој во интервју за ТВ 21 потврди дека изборите во Бугарија ги оптоварија односите помеѓу Скопје и Софија.

 -Очекувам дека со завршувањето на изборите ќе се врати рационална дебата и разумот ќе ги замени емоциите. Се надевам дека заради пандемијата ќе се консолидира политичката сцена во Бугарија и очекувам брзо формирање на институциите што ќе овозможи брзо рестартирање на нормалната комуникација  за изнаоѓање на решение, рече Османи, кој не гледа дека која било политичка структура е антиевропска или е против европската перспектива на регионот и на земјава.

Министерот очекува Македонија да направи исчекор во јунско-јулскиот самит на ЕУ и смета дека невлегувањето на партијата на Красимир Каракачанов во бугарскиот Парламент праќа добра порака до сите политички чинители кај источниот сосед дека народот е против спречувањето на нашата европска перспектива.

-Пораката од народот е важна во смисла дека спречувањето на европската перспектива на Северна Македонија не е тоа што бугарските граѓани го посакуваат, бидејќи тоа беше основниот наратив на партијата на Каракачанов. Фактот што не ја доби поддршката од бугарските граѓани е најсилна порака која произлезе од изборите. Народот не е против европската перспектива и бара начин за зближување и соработка меѓу двете држави. Мислам дека тоа ќе се пренесе и во политичките ставови на партиите кои добија глас од граѓаните, рече Османи.

Од Европската комисија, пак, не сакаат да влегуваат во детали околу политичката ситуација во Бугарија после изборите што се одржаа во неделата, но се надеваат дека Скопје и Софија ќе постигнат компромис. Портпаролката на Европската Комисија задолжена за проширувањето, Ана Писонеро рече дека Брисел „ги охрабрува и Бугарија и Северна Македонија да изнајдат заеднички прифатливо решение за тековните билатерални прашања“.

-Со нетрпение очекуваме да се одржи првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро, вели Писонеро во изјава за МИА.

Претходно премиерот Заев изјави дека македонските власти ќе чекаат да се состават владините институции, односно да се формира Владата во Бугарија за нормално после тоа да продолжат разговорите, во духот на добрососедството, согласно Договорот од 2017 година.

Специјалниот претставник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски, пак, за Дојче веле изјави дека за продолжување на преговорите Скопје-Софија во мај или јуни, ќе имаме шанси ако има политичка или експертска влада. Ако се оди на нови избори, со техничката влада која се формира за организирање избори – нема шанси за преговори. Според Бучковски, фрагментираните изборни резултати во Бугарија, оставаат голема неизвесност – кој, и дали воопшто ќе стигне до мнозинство од 121 пратеник.

Охрабрувачки за Македонија е ангажманот на Вашингтон, од каде изминатиот период беа упатени јасни пораки и до Брисел и до Софија. Американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер и Стејт департментот ја предупредија Софија дека една земја членка на НАТО не смее да се заканува на друга членка и дека треба да се изнајде решение на отворените прашања со Македонија, бидејќи блокадата на пристапувањето на соседот во ЕУ „ризикува дестабилизација во регионот“, но и порачаа и а ЕУ дека земјава треба веднаш да ја одржи Првата меѓувладина конференција со Унијата. (В.С.Н.)