Ќе може ли да се отвори македонскиот Устав со хрватски клуч?

Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, истакна дека се подготвени, без никакви услови, да разговараат за отворањето на Уставот по примерот на Хрватска. – Еве, јас сум подготвен, ако тоа е формулата за успех, уште утре да ја почнеме процедурата да биде Македонија држава на еден народ и на малцинствата во неа. Еве, ако сакаат, уште утре да ја отвориме преамбулата на македонскиот Устав и да го направиме тоа според хрватскиот терк, но само да не се каат, па да не речат некои други етнички заедници, а не било така како што ни кажуваат. Ако сакаат според преамбулата на хрватскиот Устав веднаш “да“, не знам дали ја прочитале, ја виделе или така напамет си кажуваат, но, еве, ние, како ВМРО-ДПМНЕ, веднаш прифаќаме. Таква уставна измена веднаш прифаќаме – вели Мицкоски. Сепак, лидерот на најголемата опозициска партија, по кој знае кој пат, повтори дека промена на Уставот во овој парламентарен состав нема да има. Власта, пак, децидна: измените се гаранција за иднината на земјата. Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, ја упати ВМРО-ДПМНЕ да ги презентира овие предлози во работната група за уставни измени

672

Се чини дека повлечи-потегни политиката за уставните измени меѓу владејачката партија и опозицијата направи чекор напред. На оваа констатација наведува изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за кого отворањето на Уставот по примерот на Хрватска е прифатливо. Како што посочи, ако формулата за успех е во широко набројување на етничките заедници, која беше една и од тезите на СДСМ и на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе прифати.

– Еве, јас сум подготвен, ако тоа е формулата за успех, уште утре да ја почнеме процедурата да биде Македонија држава на еден народ и на малцинствата во неа. Еве, ако сакаат, уште утре да ја отвориме преамбулата на македонскиот Устав и да го направиме тоа според хрватскиот терк, но само да не се каат, па да не речат некои други етнички заедници, а не било така како што ни кажуваат. Ако сакаат според преамбулата на хравтскиот Устав, веднаш да, не знам дали ја прочитале, ја виделе или така напамет си кажуваат, но еве, ние, како ВМРО-ДПМНЕ, веднаш прифаќаме. Таква уставна измена веднаш прифаќаме – вели Мицкоски.

Сепак, лидерот на најголемата опозициска партија, по кој знае кој пат, повтори дека промена на Уставот во овој парламентарен состав нема да има.

Истата порака вчера ја испрати и партиската портпаролка Марија Митева, која додаде дека со измените на Уставот по хрватски терк, Македонија ќе го промени мултиетничкот карактер во унитарен и аналогно на тоа, Македонија ќе е држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинствата што живеат тука. Презентираше и како би изгледале измените.

– Еве како би изгледал македонскиот Устав, односно преамбулата ако би се зела предвид хрватската преамбула: „Република Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и др., кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со оние на македонскиот народ и остварување на националните права, во согласност со демократските норми на ОН. Со тоа, сегашната преамбула ќе претрпи значителна промена од причина што актуелната преамбула гласи:

„Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите”, презентираше Митева и повтори дека се подготвени, без никакви услови, да разговараат за сите националности што се забележани во последниот попис, да бидат дел од националните малцинства, но Македонија да биде унитарна држава.

Власта, пак, децидна: измените се гаранција за иднината на земјата. Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, ја упати ВМРО-ДПМНЕ да ги презентира овие предлози во работната група за уставни измени.

– Со почнување на процесот во Собранието, ќе се отвори јавна расправа, преку работни групи, каде што може и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да дадат свои предлози. Овој процес мора да биде инклузивен, транспарентен за да дојдеме до најдобрите предлози и решенија за промените во Уставот, со цел да го продолжиме европскиот пат на нашата држава – рече Каевски.

Од Алијанса за Албанците реагираат на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за промена на Уставот по хрватскиот модел. Тие велат дека тоа што ВМРО размислува и зборува за уставни измени е добра работа за нив како политички субјект, но и за државата.

– Од друга страна, решението што го нуди овој политички субјект во однос на преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти. Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54 %, а Албанците 30 % и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска, кои се над 90 %. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење. ВМРО-ДПМНЕ мора да ги надмине своите изборни интереси и да се воздигне на должноста што ѝ припаѓа, вклучително и подготвеноста на нејзиниот лидер јавно да се изрази во отстранувањето на навредливата терминологија за јазикот на нивните сограѓани, во случајов албанскиот јазик – велат од Алијанса.

Неодамна движењето БЕСА побара од Владата во текот на составувањето на нацрт-верзијата на уставните измени, која ќе биде испратена за расправа до Собранието, да направи измени и на петтиот амандман, покрај измената на уставната преамбула.

Тогаш од СДСМ изјавија дека за Уставот може да се разговара на различни теми, но дека сега е најважно да се задржиме на темата влез на Бугарите во Уставот. Предочија дека сите други барања може да се толкуваат како уцени.

Мицкоски:Идејата за зголемување на изборните единици е уште еден циркус! 

Што се однесува за предлогот на министерот за правда за зголемување на бројот на изборните единици од шест на осум, Мицкоски со коментар дека ова е уште еден циркус.

– Не знам дали овие луѓе се обидуваат  кој од кој да бидат поголем комедијант или да бидат сериозни. Затоа што во неговата коалиција во Владата има политички партии што излегоа на избори и бараат една изборна единица. Дајте нека седнат во Владата, нека седнат и нека се договорот што е заедничкиот став за да можеме да го коментираме, една ли, шест ли, осум ли, 18 ли. Навистина ги збунуваат граѓаните, навистина се несериозни. Јас знам дека се обединети во криминалот, ама барем еднаш нека бидат во интерес на граѓаните – рече Мицкоски.