Ќе каже дека лажам, но јас го научив да шутира

158

Легендарниот Марио Жардел на крајот од деведесеттите и на почетокот од 2000-та година важеше за еден од најдобрите напаѓачи во Европа. После фантастичните игри во Бразил, Жардел во 1996 година потпиша за Портоа каде три пати беше најдобар стрелец во Европа, а на одиграните 170 натпревари постигна 168 погодоци.

Во 2001 година потпиша за големиот ривал Спортинг од Лисабон со кого ја освои шампионската титула, а на одиграните 62 натпревари постигна 67 погодоци. Дресот на Спортинг го делеше и со младиот Кристијано Роналдо кој беше на почетокот од својата фудбалска кариера. Во последното интервју кое го даде за бразилски „Глобо“, Жардел откри дека му бил ментор на португалскиот интернационалец.

  • Немам никаква дилема дека многу работи има научено од мене. Две години игравме заедно во дресот на Спортинг од Лисабон, откако се вратив од редовите на Галатасарај. Го научив кога и како да ја удира топката. Сепак, ако го прашате Роналдо дали е тоа точно, сигурно ќе ви каже дека лажам, изјави Жардел.

Околу 15 години подоцна, Роналдо важи за еден од најдобрите играчи во фудбалската историја, а другата страна, 45-годишниот Жардел во 2012 година стави крај на својата кариера, но и покрај сериозните финансиски проблеми кои моментално ги има, Бразилецот се памети како фантастичен напаѓач.