Ќе иницирам средби со граѓаните пред секоја реконструкција во општината

33

Намерата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски е пред секоја предвиена реконструкција за било што да се сретнува со жителите, со цел, како што вели да се прецизираат проектите според нивните најголеми приоритети.

Така беше и во вторникот вечерта, кога градоначалникот заедно со претставници од општинската администрација, одржа маалска средба со дел од граѓаните од улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, која треба да биде реконструирана.

На средбата, Герасимовски ги ислушал сите сугестии на жителите и одговори на сите поставени прашања, кои во најголем дел се однесувале на паркинг местата и реконструкцијата на улицата. За подобар увид во работата и предвиденото идејно решение, тој ги покани граѓаните в чеврток, во 18.30 часот, во неговиот кабинет да го видат нацрт проектот за реконструкција на улицата „Миросав Крлежа.

-За улицата „Мирослав Крлежа“ веќе има изработен идеен проект, кој сакам лично да го погледнат граѓаните. Мојата намера е пред секоја реконструкција да се сретнувам со жителите, со цел да ги прецизираме проектите според нивните најголеми приоритети. Само преку заедничка комуникација ќе добиеме квалитетни проекти кои ќе ги задоволат потребите на жителите“ – изјави Герасимовски на маалската средба.

Тој напомена дека дел од проблемите и потребите на граѓаните веќе ги знае од претходните средби со граѓаните, но на овие сака заеднички да ги решат евентуалните проблеми пред самата реализација на проектите.

Герасимовски рече дека улицата ќе стане пешачка зона и дека иако таа сега е во надлежност на градот, по реконструкцијата повторно ќе припаѓа под општина Центар, со што граѓаните ќе имаат поголеми привилегии за паркирање.