Најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, екипата на Работнички, имаше сезона за заборав, бидејќи клубот од „Градски парк“ не успеа да освои ниту еден трофеј изминатата година. Покрај бледото издание во АБА2 лигата, каде што беше меѓу последно пласираните екипи, брза елиминација претрпе и во Купот на Македонија, а на крај остана и без титулата во домашното првенство, откако Еуро Никел му удри „метла“ (2-0 во победи) на Работнички. Тоа беше сигнал, раководството на најтрофејниот кошаркарски клуб да одржи прес-конференција на која се говореше за планот на клубот во наредниот период.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателот на клубот Ристо Гапиќ, открија дека е време за реорганизација сè со цел враќање на клубот на старите патеки.

  • За жал, оваа година Работнички не ги постигна очекуваните резултати на спортски план. Ние како раководство максимално се потрудивме да ги обезбедиме сите услови да ги имаат играчите, да бидат навремено исплатени, сè со цел, максимумот да се даде на терен. Задоволен од партнерите кои нè поддржуваа, како сите луѓе кои беа вклучени во целиот процес. Не успеавме да го освоиме првото место, ниту Купот на Македонија, затоа ќе следува целосна реорганизација. Единствено нешто е што ќе бараме да изготват програма, со срце, да работат со љубов, да дадат сè од себе и да го вратат Работнички таму каде што му е местото, а ние ќе им ги обезбедиме сите услови. За наредната сезона имаме најави за уште посериозни партнери. Се надевам дека ќе го надминеме проблемот и конечно ќе ја изградиме долгонајавуваната сала, изјави Богдановиќ.

Според зборовите на Богдановиќ, во иднина младинската школа треба да биде главниот расадник на таленти во Македонија, слично како што е тимот на МЗТ Скопје, кој има уште една екипа со младинци во Првата кошаркарска лига.

  • Нашата идеја е да го освежиме клубот. Сакаме најсилен тим. Се виде дека домашните играчи се подготвени да дадат сè од себе. Тоа не значи дека ќе се свртиме само на млади туку и на искусни играчи. Целта не е да направиме само скап тим туку да произведеме квалитетни играчи, нешто што секогаш било прва опција на Работнички. Ние досега имавме концепт до кој беа вклучени млади играчи, но и самата ситуација влијаеше на тоа да не успееме да произведеме играчи со прекинот на младинските школи. Од четири години само две можевме да работиме на тоа. Новиот стратег ќе работи на тој план со вклучување на играчи од младински лиги. Од самото доаѓање тука Работнички да ги добие сите услови за да биде бастион за создавање на играчи. Кога го преземавме клубот, младинската школа беше уништена, но работиме да ја поправиме со вклучување на договори за нова сала, опрема и веќе имаме резултати. Работнички треба да биде инкубатор на играчи. Во изминатите четири години добивме просторни услови, термини кои се најударни од зависност на годишната група на децата. Нашата идеја и желба е тоа да расте, а ако го вратиме земјиштето, ќе изградиме наш центар. Во иднина тој ќе биде задолжен за развивање на играчи. Целта е повторно да имаме втор тим и тој да ги развива играчите за првиот, додаде првиот човек на Работнички, Богдановиќ.